Освен Пиштало, гости на 12. издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе бидат и познатиот хрватскиот новинар и писател Борис Дежуловиќ, Рене Карабаш од Бугарија, Мајк Дауни од Велика Британија, Ненад Шапоња од Србија, Мајда Корен од Словенија и нашите автори Виолета Танчева-Златева и Ѕвездан Георгиевски

Српскиот писател Владимир Пиштало е добитник на наградата „Прозарт“ на 12. интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, кој ќе се одржи од 15 до 17 септември, во Скопје. Наградата, која ја доделува „ПРО-ЗА Балкан“ на истакнат автор за придонесот кон развојот на книжевноста на Балканот, ќе му биде врачена на Пиштало лично, на свеченото затворање на фестивалот, во Даут-пашиниот амам во Скопје. Станува збор за писател што ги означи еволуцијата и достигнувањата на современата српска проза при крајот на 20 и почетокот на 21 век, посочуваат од фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“.

– Тоа што го возбудува секој приврзан читател кон прозата на Пиштало е еден многу редок спој на изграден стил и експериментаторски нагон: тој, како шетач низ просторот и времето, многу внимателно ги забележува деталите на животот, а, од друга страна, го искушува обликот на пишувањето. Оттаму наградата „Прозарт“ сосема заслужено и праведно му припаѓа на еден од големите балкански мајстори и иницијатори на создавањето врвна проза на овие простори – се вели во образложението за доделувањето на „Прозарт“.

Претседател на жири-комисијата за доделување на наградата е проф. д-р Ермис Лафазановски, а членови се проф. д-р Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.

Владимир Пиштало е роден во Сараево, во 1960 година. Израснал во Мостар, Краљево и Белград, каде што завршил основно училиште и гимназија. Студирал право во Белград и во Сараево. Завршил докторски студии на светска историја и американска историја на Универзитетот во Њу Хемпшир во САД. Тој бил опкружен со книги уште пред да се роди. Пиштало ја објавил својата прва приказна во списание уште кога имал 18 години, а првата книга уште на 21 година. Како студент, ја основал книжевната група „Белградско производство на соништата“. Објавил 14 книги белетристика, од поетска проза до романи: „Сликовница“, „Ноќи“, „Манифести“, „Крајот на векот“, „Корто Малтезе“, „Витраж во сеќавањето“, „Александрида“, „Приказни од целиот свет“, „Милениум во Белград“, „Тесла, портрет со маски“, „Венеција“, „Сонцето на овој ден: писмо до Андриќ“, „Значењето на Џокерот“ и „Песната за три света“. Неговите раскази се вклучени во сите поголеми антологии на српската проза. Неговата книга „Тесла, портрет со маски“ е преведена на 20 јазици. Неговиот роман „Милениум во Белград“ е преведен на десет јазици.

Истакнат сараевски критичар во една пригода изјавил дека: „Пиштало знае сè. Тој е поет кој размислува, способен да раскаже добра приказна“. Жан Кристоф Бусон од „Фигаро“ го нарече Пиштало „уметник со ретка книжевна дарба“, додека Рене де Чекати од „Ле монд“ тврди дека Пиштало ни дал „уникатен српски глас, звучен, и урбан и нов…“ Чекати, исто така, додал дека „среќни сме што најдовме толку внимателен, длабоко образован раскажувач со иронична нота, кој на уникатен, често халуцинаторен начин ја опишува последната деценија на 20 век во градот со кој се поистоветува: „Белград, тоа сум јас!”.

Пиштало ја има добиено наградата „Милош Ѓуриќ“ за преводот на песните на Чарлс Симиќ. Неговиот роман „Тесла, портрет со маски“ е награден со книжевната награда НИН за најдобар роман – најпрестижната литературна награда во Србија. Ја има добиено и наградата на Народната библиотека на Србија за најчитана книга во библиотеките на Србија во 2009 год., а ги доби и наградите „Меша Селимовиќ“ и „Бора Станковиќ“. Неговиот роман „Милениум во Белград“ беше финалист за „Prix Femina“ за најдобар преведен роман во Франција меѓу 700 романи во 2008 година.

Пиштало сè уште верува дека „реалноста е, всушност, руда од која, кога ќе се исплакне, добиваме соништа“.

Освен Пиштало, гости на 12. издание на фестивалот ќе бидат познатиот хрватскиот новинар и писател Борис Дежуловиќ, Рене Карабаш од Бугарија, Мајк Дауни од Велика Британија, Ненад Шапоња од Србија, Мајда Корен од Словенија и домашните претставници Виолета Танчева-Златева и Ѕвездан Георгиевски.

Во рамките на „ПРО-ЗА Балкан“, годинава се одржува 11. програма „Скопје фелоушип“, која се реализира во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, и е кофинансиранa од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Едно од влијателните имиња во европското издаваштво и поранешна шефица на Одделот за странска литература во францускиот гигант „Галимар“– Катарина Луа ван Хоф, еден од најистакнатите издавачки директори во Обединетите Арапски Емирати – Тамер Саид, соосновачот на грчкиот „Вакхикон“ – Несторас Пулакос, кој е еден од позначајните издавачи во Грција и ја издаде на грчки Лидија Димковска, претставничката од француската агенција #BAM – Лали Бернар, заедно со уште четири издавачи, ќе бидат дел од годинашната програма „Скопје фелоушип“.

Организатор на „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.