Актерот Никола Ристановски е добитник на наградата „Свети Јоаким Осоговски“ што се доделува за придонес во македонскиот театар и култура на истоимениот театарски фестивал што традиционално се одржува во Крива Паланка.
Наградата ќе му биде врачена на 16. издание на фестивалот што ќе се одржи од 28 септември до 6 октомври во „Градот на културата за 2024″, на кој ќе учествуваат театрите од Велес, Винковци Хрватска, Вршац и Белград од Србија, Ќустендил, Бугарија, како и МНТ и Драмски театар од Скопје, информираат од организацискиот одбор на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски”.
Досегашни добитници на ова веќе престижно признане се: Милица Стојанова, Зафир Хаџиманов, Шенка Колозова, Петар Темелковски, Страшко Милошевски, Јордан Плевнеш, Мето Јовановски, Јелена Жугиќ, Благоја Чоревски, Коле Ангеловски, Гоце Тодоровски, Ѓокица Лукаревски, Драган Спасов – Дац, Билјана Пројковска.
Никола Ристановски е актер во Македонскиот народен театар во Скопје и освен на матичната сцена настапувал и на театарските сцени во Битола, Велес и Куманово, на сцените на театрите во Белград и Подгорица. Добитник е на голем број награди, а одиграл повеќе од 50 улоги во режија на: Слободан Унковски, Егон Савин, Нина Николиќ, Јавор Грдев, Паоло Маџели, Александар Морфов, Татјана Мандиќ, Иван Поповски, Александар Поповски, Јагош Марковиќ, Љубиша Георгиевски, Срѓан Јаниќијевиќ, Синиша Евтимов, Бранислав Миќуновиќ, Димитар Станковски, Владимир Милчин, Наташа Поплавска, Сашо Миленковски, Бранко Ставрев, Ленка Удовички и Стојан Стојановски. Остварил и четириесетина филмски улоги и во телевизиски серии во Македонија, Црна Гора и Србија во режија на истакнати филмски режисери.
Наградата „Свети Јоаким Осоговски“ свечено ќе му биде врачена на денот на отворање на фестивалот што ќе се одржи во рамки на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата”, а сите фестивалски вечери ќе се одржат во Центарот за култура Крива Паланка.