Германија од следната недела воведува контроли на своите граници

58

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер донесе одлука привремено да ги прошири контролите на сите германски национални граници, пренесува Дојче Веле.

„Причините за тоа се ограничување на илегалната миграција, но и заштита на внатрешната безбедност од актуелните закани од исламистички тероризам и прекуграничниот криминал“, објаснува Фезер.

Предвидено е дополнителните контроли да започнат на 16 септември, а ќе траат, првично, шест месеци. Тоа значи дека „целиот пакет стационарни и мобилни мерки на граничната полиција ќе биде воспоставен на сите граници, вклучувајќи ја и можноста за одбивање влез во согласност со европското и националното право“, се вели во соопштението на германското Министерство. Притоа, како што се додава, влијанието врз оние кои одат на работа преку граница треба да биде што е можно помало.

Во средината на октомври минатата година, министерката воведе стационарни контроли на границите со Полска, Чешка и со Швајцарија. Ваквите контроли постојат на германско-австриската копнена граница од септември 2015 година. Сега – како што беше воведено за време на Европското фудбалско првенство – ќе има контроли и на границите со Франција, Луксембург, Холандија, Белгија и со Данска.

Контролата на внатрешните граници во Шенген зоната може да се воведе само во исклучителни случаи, за кои мора да се извести Европската комисија.