Во рамките на својата работна посета на Будимпешта, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, одржа обраќање пред студентите и дипломатите на Унгарската дипломатска академија. Во својот говор, Муцунски се осврна на долготрајниот и посветен процес на пристапување на Северна Македонија кон Европската унија, потенцирајќи ја повеќедецениската посветеност на државата и бројните отстапки кои македонското општество ги направило на тој пат.
Министерот истакна дека, иако постојат области кои бараат дополнителна работа и подобрување, од суштинска важност е предвидливоста на процесот. „Нашиот пристапен пат во суштина ја штити политиката на проширување на ЕУ, заснована на вредности и заслуги, со оглед дека ризикот од злоупотреба на нашиот случај од страна на анти-ЕУ факторите е голем“, нагласи Муцунски.
Тој подвлече и важноста на добрите билатерални односи помеѓу Северна Македонија и Унгарија, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи, изразувајќи благодарност за досегашната поддршка на политички, економски и мултилатерален план. „Иако односите се континуирано пријателски, во следниот период очекувам нова динамика како резултат на заложбата на двата премиери за воспоставување стратешка релација помеѓу двете земји,“ изјави Муцунски.
По обраќањето, се одржа сесија на прашања и одговори, во која се дискутираше за теми како нелегалната миграција и безбедноста на границите, регионалната енергетска безбедност, очекувањата за идните чекори во процесот на евроинтеграции, и актуелните состојби во Европската унија.