Во руското гранатирање на украинскиот град Херсон и 18 други населени места во истоимената област во изминатите 24 часа, едно лице загина, а девет се повредени, соопшти денеска воениот гувернер на областа Олександар Прокудин.
Според него, руската армија гаѓала инфраструктурен објект, медицински установи и контролен пункт, пренесува Укринформ.
Зафатени беа и станбени згради во населените места во регионот, меѓу кои три висококатници и 19 приватни куќи.
Украинската агенција наведува дека во нападот на руските сили биле оштетени и гасовод, комерцијални објекти, магацин и неколку приватни автомобили.
Украинските власти претходно денеска известија дека во руски напад врз градот Суми загинале две лица, а четворица се повредени, меѓу кои и две деца, пренесува Танјуг.