Ганц: Нетанјаху ја излажа јавноста, нема да ги врати заложниците дома

49

Лидерот на Партијата за национално единство, Бени Ганц, го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека го попречувал склучувањето договор за заложниците за време на војната и дека првенствено се грижи за неговиот политички опстанок.

Ганц изјави дека Нетанјаху ја лажел јавноста кога во понеделникот изјавил дека одржувањето воено присуство во т.н. Филаделфиски коридор требало да биде адут во постигнување договор за заложници со Хамас.

„Тој нема да ги донесе заложниците дома, нема вистински да го заштити јужниот излез, нема да ги врати жителите на северот во нивните домови, нема да го спречи Иран да добие нуклеарно оружје“, рече Ганц, пренесе Тајмс оф Израел.

Ганц додаде дека не е изненаден бидејќи, како што тврди, во воениот кабинет на Нетанјаху, тој постојано стоел на патот на напредокот кон договорите за заложници, вклучително и еднонеделниот договор постигнат во ноември.

Тој истакна дека Нетанјаху одбил брзото и безбедно враќање на жителите во северен Израел да биде цел на војната.

„Не ме изненадува бидејќи Нетанјаху е фокусиран на политичкиот опстанок и наштетувањето на нашите стратешки врски со Соединетите Американски Држави, додека Иран напредува кон нуклеарно оружје. Мораме да ги вратиме заложниците и по многу висока цена“, рече Ганц.

Нетанјаху во понеделникот рече дека Израел е „многу блиску“ до воено разбивање на Хамас.

„Но, сепак треба да му ја одземеме способноста да владее. Тоа значи дека треба да најдеме алтернатива за целата или значаен дел од дистрибуцијата на хуманитарна помош. Ние работиме на тоа сега и ќе го постигнеме тоа“, рече израелскиот премиер.