Средното училиште „Коле Неделковски“ стана првото верифицирано за обуки за возрасни

39

Средното училиште „Коле Неделковски“ стана првото верифицирано училиште во Општина Велес што има дозвола да врши обуки за возрасни за аргон заварувачи, за готвачи гастрономи и за возачи на виљушкар. Директорката на училиштето, Весна Стојанова-Богоевска, истакна дека од овој месец почнуваат со обуките, за кои ќе има јавен повик за сите заинтересирани возрасни што сакаат да се пријават.

Таа потсети дека во ова велешко средно училиште, како и во уште едно средно во Скопје, има и обука за професионални пожарникари.

– Програмите за овие три профили: аргон заварувач, готвач гастроном и возач на виљушкар беа напишани од нашите колеги, вработени во училиштето, а беа верифицирани од Центарот за образование на возрасни – појасни Стојанова-Богоевска.

Таа потенцира дека пазарот на трудот диктира нови профили и занимања што ги нема во формалното образование и поради тоа тие, како средно стручно училиште, се приспособуваат на потребите на пазарот на трудот и веќе напишале програма за неформално образование за возрасни.

Директорката најави дека во следните неколку месеци оваа година ќе започне и процесот на валидација на стекнатите вештини, што пред две години се спроведе како пилот-проект во средното училиште „Лазар Таневски“ во Скопје.

– Сега, и петте регионални центри, односно петте државни училишта во земјава, меѓу кои и ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес, ќе можат да прават валидација на стекнатите вештини. Граѓаните од целата држава што стекнале некои вештини во текот на животот, а немаат документ, ќе доаѓаат кај нас и во другите центри за проценка колкав е процентот на стекнатите вештини. Воедно, и дали треба да дополагаат за да го добијат неопходниот документ, кој е поразличен од дипломата со која се стекнале во редовното формално средно образование – нагласи Стојанова-Богоевска.