Квадрат куќа на Црногорското приморје чини до 5.000 евра, ама парите се враќаат ако се издава

1294

За куќа од 60 квадратни метри во Будва, која е далеку од плажа треба да се платат најмалку 120.000 евра. Од популарните туристички места најевтини се недвижнините во Херцег Нови. Агентите за недвижности велат дека вреди да се купи стан или куќа на море за да се издава, зашто за три месеци ќе се обезбедат ратите за кредит за цела година, а освен тоа цените растат, па можат да се продадат поскапо

 

Цените на недвижности на црногорското приморје продолжија да растат по доаѓањето на руските и украинските државјани по почетокот на војната. Но, агентите за недвижнини сметаат дека вредноста на куќите е потценета, иако квадратот се нуди по цена до 5.000 евра.

– Цените на недвижнините во Црна Гора, особено на приморјето варираат, зависат од многу фактори – локацијата, видот и состојбата на самата недвижности. Во понудата има и доста куќи кои се продаваат по пониски цени од реалните, бидејќи токму Русите и Украинците купуваа недвижности кои веќе не им се потребни, вели агентот за недвижнини Бранислав Симовиќ.

Тој објаснува дека во Будва цените на становите се движат од 1.500 до 3.000 евра за квадратен метар, додека  за куќите може да варираат од 2.000 до 4.500 евра  квадрат, во зависност од  тоа колку се блиску до морето и од квалитетот на градбата. Тоа практично значи дека за една куќа од 60 квадратни метри, која е далеку од плажа треба да се платат најмалку 120.000 евра. За солидна куќа со истата квадратура, која би била релативно блиску до брегот, бидејќи во Будва нема куќи во прв ред до плажа, треба да се искешираат 270 илјади евра.

Во Котор, кој е на листата на најпосетените медитерански градови, како што пишува порталот Бизнис.курир.рс, цените на недвижнините се за нијанса пониски отколку во Будва. Според агентите за недвижности просечната цена на становите таму е меѓу 1.500 и 2.500 евра за квадрат, додека цените на куќите се движат од 2.000 до 4.000 евра.

„Тиват е уште поразновиден со цените на становите, кои одат од 1.800 до 3.500 евра за квадратен метар, особено во близина на луксузната марина Порто Монтенегро. Куќа во овој град може да се купи по цена од 2.500, па дури до 5.000 евра за квадрат. Херцег Нови и околина сè нешто поевтини, па овде можете да најдете стан по цена од 1.200 евра за квадрат. Куќите во овој дел на Бококоторскиот залив се движат од 1.500 до 3.500 евра за квадрат, вели агентот Симовиќ.

Тој тврди дека без разлика на цената, купувањето недвижнина на Црногорското приморје е многу исплатливо, ако таа се издава.

– Купувањето недвижнина за издавање во Црна Гора може да биде многу исплатлива инвестиција од неколку причини. Пред се бројот на туристите постојано расте. Тоа значи дека има константна побарувачка на сместување, особено во текот на летната сезона, но и во текот на целата година во одредени подрачја, вели Симовиќ.

Тој истакнува дека е поволна и даночната политика, бидејќи данокот на имот е релативно низок, а има и олеснувања за оние кои ги изнајмуваат своите недвижнини.

-Пазарот на недвижности во Црна Гора е во пораст, а се предвидува дека цените ќе продолжат да одат нагоре, што значи дека можете да очекувате и раст на вредноста на вашата инвестиција. Меѓутоа, пред да се одлучите за купување важно е да обрнете внимание на неколку фактори. Недвижностите во туристичките места како што се Будва, Котор, Тиват и Херцег Нови се попопуларни за издавање и можат да донесат поголеми приходи. Додуша, трошоците за одржување на недвижнината можат да варираат, па важно е да се земат предвид при пресметувањето на профитабилноста, вели агентот Бранко Симовиќ.

Тој смета дека е апсолутно исплатливо да се купи недвижност за издавање во Црна Гора, бидејќи за само три месеци може да се покријат на пример ратите за кредитот за таа година.

-Просечните цени во најпопуларните туристички градови се околу 100 евра за ноќевање во јули и август. Во септември и јуни се за нијанса пониски, но сега поради продолженото лето можете да ја издавате недвижнината и четири месеци годишно, оценува Симовиќ.

Порталот пренесува и совет на американски стручњак за пазар на недвижности за тоа како треба да се инвестира. Тој вели дека прво треба да се купи куќа во која ќе се живее две години, а потоа да се купи друга куќа за живеење, а првата да се издава. Постапката треба да се повторува додека не се купат пет куќи за 10 години и така да се создаде капитал.