Таа рече дека по поништувањето на договорите со вработените склучени во февруари годинава, како што и наложил Државниот инспекторат за труд ќе треба да се потпишат нови договори со тоа што тие што работеле како административни службеници ќе продолжат да работат како даночни службеници и секој од овие 129 вработени ќе добие плата според работното место. Една од опциите е дури и потпишување нов колективен договор или анекс на веќе постојниот, за што се разговарало и со синдикалните здруженија

 

Сто дваесет и девет вработени во Управата за јавни приходи од март годинава примале повисока плата согласно одлука и акти што ги донела поранешната директорка на УЈП, односно за време кога парламентарните избори веќе биле распишани. Незаконитоста и формално-правните неправилности ги констатирале од Државната комисија за спречување на корупцијата, како и од Државниот инспекторат за труд кои побарале од сегашната директорка на УЈП, Елена Петрова да ги исправи последиците.

Таа ја информира јавноста за таквата ситуација која ја нарече „мошне загрижувачка и кризна“, а која ја наследила по нејзиното доаѓање за директор на УЈП.

– Во претходниот период, претходната директорка на УЈП донела одлука и акти кои се незаконски и заради кои сега внатре имаме „хаос” во организирањето на некои работни процеси и сме соочени со исправање на последици. Имено, Државниот инспекторат за труд констатира незаконитости на колективната одлука за прекинување на старите договори за вработување со кои претходната директорка ги откажала договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат со работат до склучувањето на нови договори според новите интерни правилници, поради што ДИТ донесе решение со кое и  наложи на УЈП да ја поништи незаконитата одлука, а од друга страна ДКСК констатира повреда на изборниот процес – истакна Петрова.

Таа изјави дека сега треба да ја изврши наредбата на Трудовиот инспекторат со која и наложува да ја поништи одлуката, што практично значи поништување и на сите нејзини правни последици.

– Тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишување на изборите, што има свое влијание и врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисоки плата со промена на нивниот статус – рече Петрова и појасни дека станува збор за бруто износ од околу 18 милиони денари, што вклучува исплатени средства за повисока плата плус придонесите за пензиско и здраветвено осигурување.

Според неа, овие вработение од УЈП најмалку се виновни за настанатата „криза“, затоа, вели таа, „преку соработка со синдикатите се обидуваме заеднички да најдеме решение кое ќе има најмалку последици за било кој вработен во УЈП“. Исто така, побарано е мислење од ДИТ да се произнесат за правата на вработените

Петрова нагласува дека процесите на поништување на старите и склучување на нови договори со сите вработени во УЈП се одвивале во изборниот период.

– Оваа настаната ситуација можела и да се избегне доколку сите овие задоцнети процеси се спроведувале во законскиот рок. Имено, согласно измените на ЗУЈП, актите на УЈП требало да бидат донесени во законски рок до 3 ноември 2023 година, а се донесени со задоцнување на 9 февруари оваа година, во пресрет на изборниот период. Согласноста од Министерството за информатичко општество и администрација за овие правилници била издадена врз основа своевидна „манипулација” и вметнување на работни места во правилниците за кои немало намера да бидат пополнети и не се пополнети. Уште повеќе, согласноста е издадена истиот ден 9 февруари кога министерот, кој ја потпишал, бил разрешен, што е морален и политички хазард. Ова фрла црна „дамка” на целиот процес – истакна Петрова.

Таа рече дека по поништувањето на договорите со вработените склучени во февруари годинава, ќе треба да се потпишат нови договори за работен однос со тоа што тие што работеле како административни службеници ќе продолжат да работат како даночни службеници и секој од овие 129 вработени ќе добие плата според работното место.. Една од опциите е дури и потпишување нов колективен договор или анекс на веќе постојниот, за што се разговарало и со синдикалните здруженија.

(С.Бл.)