Ем ќе земат покачена пензија, ем во вторник ќе одат на протест

24495

За поголемиот дел од пензионерите од денеска ќе почне исплатата на септемвриската пензија која е зголемена за 2.500 денари.

– Измените во Законот за пензиите поминаа на Влада и септемвриската пензија е зголемена за 2.500 денари, односно за девет месеци пензионерите ќе ги добијат ветените 5.000 денари – најави премиерот Христијан Мицкоски.

Од СДСМ пак, сметаат дека пензионерите се излажани, затоа што ќе добијат два пати по 2.500 денар, а не 5.000 денари до крајот на годинава како што им ветуваа.

– ВМРО-ДПМНЕ најавуваше зголемување на пензиите за 5.000 денари, а сега велат дека нема да биде 5.000 денари, туку на рати по 2.500 денари и тоа во септември и во март кога секако се зголемуваат пензиите заради усогласувањето. Значи пензионерите би имале секако покачување според методологијата за усогласување во септември и во март наредна година, а ВМРО-ДПМНЕ на тоа додаваат околу 1.000 денари, ништо повеќе. Дополнително рушењето на системот на усогласување на пензиите со просечната плата, односно со само линеарен раст, има ризик владата во иднина воопшто да не ги зголемува пензиите – велат од СДСМ.

А додека власта и опозицијата меѓусебно се препукуваат, пензионерите пак се подготвуваат за нов протест. Комплетна промена на целото раководство и оставка на актуелната претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери, ова се дел од новите барања кои ќе ги произнесат во вторник во Скопје.