Рударската индустрија во Македонија е под притисок на високата глобална инфлација и на геостратешките кризи, кои имаат големо влијание на намалувањето на економската активност во земјите – големи потрошувачи на метали и на минерални суровини. Во првата половина од 2024 година е регистрирано намалување за 5,8 % на рудното производство, што значи дека помалку се извезувало рудно богатство.

Македонскиот рударски сектор е движечки ресор на домашната економија, при што учествува со 1,5 до 2% во БДП на земјава. Според статистиката, во секторот, заедно со приклучните дејности, работно се ангажирани околу 13.000 лица.

Рударството во Македонија има многувековна традиција, почнувајќи од римскиот период, па сè до денес. Токму оваа традиција, сметаат експертите, треба да продолжи да се негува и во иднина. Современото рударство започнува во 20 век и со постојано надградување, тоа денес е високотехнолошки развиена стопанска гранка во која се применуваат сите меѓународни стандарди и практики.

Во периодот 2012 -2021 бруто додадената вредност на овој сектор е зголемен за 48%, а неговото учество во создавањето на вкупниот бруто домашен производ на земјата постојано расте, достигнувајќи 3,5 проценти во првото тромесечје од 2024 година, за разлика од некои други сектори кои добиваат значителна државна помош и субвенции, а чие креирање на БДП на земјата континуирано се намалува, вели Ивица Талевски, претседател на Македонската асоцијација за рударство (МАР).

Според статистичките податоциna ДЗС, во рударството и во преработката на минерални суровини вкупно се активни околу 500 компании, од кои 173 се во рударството и вадењето камен, додека кај производството на неметални производи, активни се другите, над 300 компании.

Во Македонија растат платите во рударскиот сектор, но нема интерес кај младата популација работно да се ангажира. Како што велат рударите, тешко е да се влезе во утробата на земјата и да се работи во окно. Затоа и голем дел од младите се имаат иселено од рударските општини Пробиштип и Македонска Каменица, без да се пишманат.

Тие не се подготвени да работат во рудник и за 1.000 евра плата. Според последните состојби, на рударите што работат во подземните, но и на површинските копови, во моментов платата им е повисока за 30 % од просечната во земјава, а тоа е околу 55 илјади денари. Во поголемите рудници за метали, таа може да биде повисока и за над 60 % од просечната плата во земјата, а тоа, пак, е околу 65 илјади денари.

За да се стабилизира состојбата во рударството, МАНУ почна да прави долгорочна стратегија за искористување и управување со минералните суровини. Експертите очекуваат, со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини рударството, како сектор, да го добие заслуженото внимание, оти тоа е добро и за државата и за граѓаните. Рударството може да донесе и развој и економски раст.

Ресорната министерка, Сања Божиновска, пак, смета дека се неопходни инвестиции во рударството.

– Треба да се стремиме кон подобрување на условите за работа и инсистираме на целосна примена на стандардите за заштита и здравје при работа. Партнерството со приватниот сектор од индустријата е исклучително важно. Делење исти стратешки цели, при што позицијата на вработените, модернизацијата на работните процеси и заштитата на животната средина ќе бидат приоритети кон сѐ што ќе работи ова Министерство во иднина – нагласи Божиновска.

Македонија, како земја, поседува голем број минерали, но и покрај тоа, непобитен е податокот дека во последните 40 години не е отворен ниту еден нов рударски објект за ископ и преработка на металичните минерални суровини.

За разлика откај нас, Италија е на работ од рударски бум, додека државата се подготвува да ги искористи своите богати резерви на суровини. Италијанската Влада, менувајќи ја законската рамка во август годинава, си овозможила ревитализација на рударската индустрија во земјата. Новоодобрениот закон воведува пакет мерки што ги поедноставуваат процесите за добивање рударски дозволи и концесии. Италија е богата со литиум, кобалт, никел, бакар, цинк, берилиум и со волфрам.

Овој потег, инаку, е дел од пошироката стратегија за повторно активирање на неактивните рудници низ целата земја, усогласувајќи се со Законот на Европската Унија за критични суровини. Ова е камен-темелник во напорите да им се овозможи на европските индустрии да се натпреваруваат со САД и со Кина во обезбедувањето пристап до стратешки виталните суровини неопходни за зелените технологии.

(В.Ма.)