Почетокот на новата учебна година започнува со главоболка за учениците и за нивните родители, бидејќи на ЈСП „Скопје“ му недостигаат 150 автобуси само за да го одржи редовниот возен ред. Од утре, дел од приватните превозници ќе сообраќаат на своите линии со по само еден автобус изутрина, а потоа автобусите ќе се враќаат на паркиралиштата. Тоа значи дека од утре преполните автобуски постојки и метежот во автобусите, но и во такси-возилата, ќе станат секојдневна слика во гласниот град. Скопјани ќе треба да се снаоѓаат како знаат и умеат за навреме да стигнат на училиште, но и на работа. И додека граѓаните мака мачат да стигнат од една до друга точка, првите луѓе на Град Скопје и на Владата, Данела Арсовска и Христијан Мицкоски, продолжуваат со меѓусебните обвинувања и препукувања
Почетокот на новата учебна година започнува со главоболка за учениците и за нивните родители, бидејќи на ЈСП „Скопје“ му недостигаат 150 автобуси само за да го одржи редовниот возен ред. Од утре, дел од приватните превозници ќе сообраќаат на своите линии со по само еден автобус изутрина, а потоа автобусите ќе се враќаат на паркиралиштата.
Сума сумарум, тоа значи дека од утре преполните автобуски постојки и метежот во автобусите, но и во такси-возилата, ќе станат секојдневна слика во гласниот град. Скопјани ќе треба да се снаоѓаат како знаат и умеат за навреме да стигнат на училиште, но и на работа. И додека граѓаните мака мачат да стигнат од една до друга точка, првите луѓе на Град Скопје и на Владата, Данела Арсовска и Христијан Мицкоски, продолжуваат со меѓусебните обвинувања и препукувања.
Од Владата сметаат дека на Скопје му е потребно инстант решение, кое веднаш треба да го реши проблемот со недостигот на автобуси, а не како што предлага скопската градоначалничка во отвореното писмо до премиерот Мицкоски – да се спроведе набавка на нови автобуси, што е процес кој би траел од една до една и пол година.
– Пред да нуди дека ќе ги стави парите за нови автобуси на посебна сметка, Данела Арсовска прво нека си ги плаќа ратите за автобусите што ги набави Шилегов за да не ѝ ги плаќа Владата, како што плаќа досега. Второ, Данела Арсовска треба да ги исплати парите кон приватните превозници, кои им ги должи, а со чие функционирање се пополнува празнината на ЈСП со градскиот сообраќај – велат од Владата.
Оттаму посочуваат дека Арсовска ветила пред Владата и пред јавноста дека ќе достави план за излез од состојбите во градот, а дека план нема.
– Арсовска бараше да бидат изгласани програмите. Ние тврдиме дека за успешен Град Скопје, не е клучно гласањето на програмите, туку ефикасниот менаџмент. Програмите се изгласани, а Арсовска сега смислува ново алиби за својата неуспешност – наведуваат од Владата.
На ова, од кабинетот на Арсовска возвратија дека е добро што наместо конструктивност, од Владата одлучиле да се служат, како што велат, со селски итроштини, и тоа повторно врз грбот на граѓаните на Градот Скопје и вработените во градските институции.
– Понудивме конкретни решенија, кои доколку ги прифатеше Мицкоски, ќе значеа дека навистина се грижи за Скопје и за скопјани. Вака само докажа дека го интересира како да произведе конфликт со надеж дека политички ќе капитализира – одговорија од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека ратата за кредитот со кој ВМРО-ДПМНЕ и Шилегов набавиле автобуси е платена и оти од сметката на Град Скопје биле префрлени средства на Министерството за финансии.
Дел од приватните превозници најавија дека од утре ќе возат само една линија изутрина, а потоа автобусите ќе се враќаат на паркиралиштата. Тоа го прават бидејќи, како што велат, не им е исплатен долгот за изминат километар од Град Скопје, односно од ЈСП, но и поради тоа што не е зголемена цената за изминат километар, иако скопската градоначалничка, Данела Арсовска, им го ветила тоа, а цената не е сменета од 2017 година.
Од Град Скопје, пак, негираат дека нема да возат сите приватни превозници.
– Имено, од трите пакети со кои оперираат приватните превозници, нема да возат само оние автобуси чии претставници се политички мотивирани од ВМРО-ДПМНЕ да креираат дополнителен хаос за скопјани, а за кои Градот Скопје започна постапка за надоместок за штета. Со ова, повторно се докажува намерата на оваа власт за предизвикување хаос врз грбот на граѓаните на Градот Скопје – децидни се градските власти.
Од приватниот превозник „Вестор транс“ соопштија дека денеска ќе ги реализираат, континуирано и редовно, сите линии, како што е договорено со ЈСП и со Град Скопје.
– Јавниот превоз организиран од „Вестор транс“ в понеделник продолжува да функционира непречено и согласно со возниот ред. „Вестор транс“ ги почитува и ги реализира обврските што произлегуваат од законите, одлуките и актите, со кои се уредува превозот на патници и ќе продолжи да го извршува договорот со континуирано и редовно одржување на линиите „9“, „11“, „11а“ , „12“, „47“ и „55“, за кои има добиено дозвола за превоз – велат од компанијата.
Со цел да се надминат проблемите, на 22 август 2024 година беше одржана средба меѓу скопската градоначалничка и претставниците на советничките групи во Советот на Град Скопје, по што беше договорено советниците да поддржат пренамена на средства за репарирање на 30 автобуси на ЈСП.
(А.П.)