Опожарен планинарскиот дом „Даре Џамбаз“

31

Два пожара денеска се гаснеа на Водно. Едниот пожар настанал рано изутрината, од запалени бандера и неколку трупци спроти детското одморалиште – на потегот од Средно Водно до врвот на планината. А, вториот, во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врвот на Водно. Истовремено, забележан е и трет инцидент – искршено стакло на продавницата што се наоѓа во рамките на Милениумскиот крст на врвот на Водно.

Според директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, се работи за вандализам на најмалку три места. Ангелов посочи дека надлежните служби итно реагирале и ги изгаснале пожарите и дека во спротивно, можело да дојде до катастрофален пожар.

Тој информираше дека прво околу 7:20 часот, на телефонскиот број 112 била добиена пријава за запалени бандера и неколку трупци спроти детското одморалиште на потегот од Средно Водно до врвот на планината.

– Екипа на парк-шумата „Водно“ излегла на место. Неколкумина добронамерници планинари веќе дејствувале врз опожарените трупци и бандера и помогнале огнот да биде целосно изгаснат – изјави Ангелов.

Речиси еден час подоцна, планинар му се јавил на директорот лично да пријави дека на врвот на планината гори планинарскиот дом „Даре Џамбаз“.

– Од она што можев овде лично да го забележам е дека пожарот е започнат надвор од домот, од куп ѓубре или дрва. Потоа, според кажувањата на првите очевидци, пожарот се проширил врз дрвената рамка на прозорецот на планинарскиот дом, од каде што влегол во внатрешноста – објаснува Ангелов.

Екипи на МВР испитуваат кои се можните сторители на пожарите.

Поради пожарите, дошло до прекин на електричната енергија и жичницата била надвор од функција.

(А.П.)