Јаготка на фестивалската торта беше настапот на легендата од поранешна Југославија, Дадо Топиќ. Тој максимално и емотивно ја освои многубројната публика, пеејќи ја сè уште актуелната песна „Македонија… тамо гдје вјечно сунце сја, тамо је Македонија… народ и земља које волим ја…“ Морници минуваа низ телото додека ги пееше Дадо овие стихови. Со него и нашата претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, која беше специјална гостинка на овој фестивал и која неофицијално им кажа на новинарите дека песната на Дадо Топиќ емотивно ја вратила во младоста

Дуле МИЌИЌ 

Гламурозно, како што прилега на еден значаен музички фестивал, вчеравечер заврши годинашното издание на „Охрид фест – Охридски трубадури“, во балканскиот Ерусалим.

Многу познати пејачи, омилени, слушани… фолк-ѕвездите Благоја Грујовски (кој воедно е и победник на првата, Фолк-вечер), Благица Павловска, Нино Величковски, Ленче и Горан Кукиќ, Петар Нечоски, Даце…

Фестивалската забава покрај убавото сино езеро кулминираше со втората, Интернационална вечер. А, на таа вечер – вистински асови!

Од српската мегаѕвезда Јелена Томашевиќ (една од моментално најбараните балкански поп-пејачки), па сè до Срѓан Марјановиќ, синот на Аки од „Парни вањак“ – Кристијан Рахимовски-Кико, легендарниот Лео Мартин со евергринот „Одисеја“, некогашниот пејач на босанската група „Мирзино јато“… за јаготка на фестивалската торта да биде настапот на уште една легенда од бивша Југославија, Дадо Топиќ.

Тој максимално и емотивно ја освои многубројната публика, пеејќи ја сè уште актуелната песна „Македонија… тамо гдје вјечно сунце сја, тамо је Македонија… народ и земља које волим ја…“ Морници минуваа низ телото додека ги пееше Дадо овие стихови. Со него и нашата претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, која беше специјална гостинка на овој фестивал и која неофицијално им кажа на новинарите дека песната на Дадо Топиќ емотивно ја вратила во младоста. Секако дека свој печат на сцената оставија и атрактивните водителки Ирена Спировска и Марјана Станојковска, со познатиот актер Дејан Лилиќ.

И, ете така, што се вели со еден збор, сè беше музика! Убава за слушање, носталгична за душа. За охридскиот фестивал 2024 уште долго ќе се раскажува, секако, благодарение и на весникот ВЕЧЕР, како еден од традиционално позначајните медиумски помагатели.