Нетанјаху му се закани на Хамас: Ве следиме, ќе ве фатиме и ќе ги израмниме сметките

283

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека ќе „преземе соодветни мерки“ против палестинскиот Хамас откако во Појасот Газа беа пронајдени телата на шестмина израелски заложници.

„Оној што ги убива заложниците не сака преговори за прекин на огнот, ниту ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници“, рече Нетанјаху.

Тој му порача на палестинскиот исламистички Хамас дека „ќе ги следи, ќе ги фати и ќе се справи со нив“.

Претходно, еден од лидерите на Хамас, Езат Ришк, изјави дека Израел е одговорен за смртта на заложниците бидејќи „упорно ја продолжува својата геноцидна војна и бега од каков било договор за прекин на огнот“.

Да потсетиме, израелската армија денеска соопшти дека ги идентификувала телата на шестмината заложници киднапирани од Израел и однесени во Газа, меѓу кои две жени и четворица мажи. За време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, со кој започна војната во Појасот Газа, 251 лице беа киднапирани и однесени во Газа. Во тој напад загинаа 1.205 луѓе.

Од 251 киднапирано лице, 97 се уште се задржани во Газа, додека според воени извори, 33 лица загинале.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека шесте заложници, чии тела биле вратени, биле живи кога биле киднапирани, а потоа ладнокрвно убиени од Хамас.

Нетанјаху ја коментираше смртта на тројца израелски војници во вооружен напад утринава на југот на окупираниот Западен Брег.

„Ние се бориме на сите фронтови против бруталниот непријател кој сака сите да не убие. Само утрово тој уби тројца полицајци“, рече Нетанјаху.

„Фактот што тој продолжува да врши злосторства како оние на 7 октомври не обврзува да направиме се што е во наша моќ за да ги спречиме“, додаде израелскиот премиер.