На последното собрание на Ракометната федерација на Македонија беа најавени промени во структурите и беа одредени насоките за следните активности на ракометната централа. Следното собрание на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ќе се одржи меѓу 15 февруари и 1 март 2025 година, а  претседателот Живко Мукаетов потврди дека нема да биде кандидат на следното собрание.

На функцијата прв човек на македонскиот ракомет, Мукаетов го замени Михајло Михајловски, кој ја доби наградата „почесен претседател“. Од 9 март 2013 година, првиот човек на компанијата „Алкалоид“ е на чело на Федерацијата и под негово водство македонскиот ракомет доживеа голем прогрес.

Мукаетов (52) несебично се вложи и го подигна организациското ниво на играта кај нас. Беше ставен посебен акцент на репрезентацијата, чиј култ е гордост на секој Македонец и факт за кој се зборува во целиот свет.

Пред Мукаетов, Ракометната федерација на Македонија ја предводеа Иван Бојков (од 1989 до 1999 година), Душко Кадиевски (од 1999 до 2003 година), Трифун Костовски (од 2003 до 2008 година) и Михајло Михајловски (од 2008 до 2013 година).

Мукаетов ја анализираше минатата сезона и потврди дека ракометот е во развој.

– Во сите категории во системот на натпревари на Федерацијата, одиграни се 1.404 натпревари, од кои 675 во сениорските лиги. Зголемен е бројот на пријавени ракометари и ракометарки во системот на Федерацијата. Радува прогресот на помалите градови. Особено сме горди на успесите на сите наши репрезентации. Нашите судии и делегати достојно ја претставуваат земјата на меѓународната сцена, на што сме исклучително горди. Задоволство беше да се следат на големата сцена – рече претседателот Мукаетов.