Остро предупредување од ЕУ и САД до Косово поради некоординираните акции на косовската полиција на северот

291
Фото: EPA/ERMAL META

Европската унија и САД изразија загриженост поради некоординираните акции во кои косовската полиција на север ги затвори паралелните канцеларии на локалната самоуправа поддржани од официјален Белград ден претходно и ја предупреди Приштина да не презема еднострани потези.

Реакциите следеа откако косовските институции на 30 август објавија дека затвориле пет паралелни српски институции на северот со мнозинско српско население, а косовската влада објави дека институциите работат под раководство на Србија, „нарушувајќи ја уставноста и законите на Република Косово“.

Според известувањето на Радио Телевизија на Србија (РТС), зградите на локалната самоуправа и другите институции на српската влада во четири општини на северот на Косово сè уште се блокирани, а и денеска полицијата вооружена со долги цевки, е пред нив.

Во исто време, меѓународната мировна мисија КФОР го зголеми своето присуство на главниот мост во Косовска Митровица, помеѓу мнозинскиот српски северен дел од градот и десниот брег на Ибро со претежно албанско население.

Од ноќеска на мостот се засилени силите на италијанските карабинери, а по акцијата на косовската полиција донесоа и оклопни возила, јавува РТС.

По повод акцијата, американската амбасада во Косово во петокот вечерта остро реагираше, пренесувајќи ја пораката на Стејт департментот дека „постојаните некоординирани акции на Косово го влошуваат партнерството меѓу Вашингтон и Приштина“.