Пропадна договорот со членките на ЕУ: Ни дозвола за напад на Русија, ни обука на војници на територијата на Украина

989

Жозеп Борел рече дека ЕУ се согласила обуката на украинската армија да се одвива што е можно поблиску до Украина, но не и на нејзина територија.

Министрите за одбрана на 27-те земји од Европската унија не се договорија за заедничко укинување на ограничувањата за употреба на оружје испорачувано на Украина за напади на територијата на Русија, изјави шефот на европската дипломатија, Јосеп Борељ, на прес-конференција за резултати од неформалниот состанок на министрите за одбрана на 27-те земји од ЕУ во Брисел.

Тој изјави дека министрите за одбрана на земјите од Европската унија им оставиле на членките на ЕУ да одлучуваат за ограничувањата на ударите на украинските сили на територијата на Русија.

Борел рече и дека ЕУ се согласила обуката на украинската армија да се одвива што е можно поблиску до Украина, но не и на нејзина територија.

Тој исто така посочи дека неговиот став е дека е неопходно да и се даде можност на Украина да ги таргетира оние локации од каде што се вршат напади врз неа од територијата на Русија.

„Поради некоја причина, некои земји од ЕУ мислат дека укинувањето на забраната би значело наша војна со Москва. Не се согласувам со тоа, тоа е само помош за Украина, но некои земји се на исто мислење и нема да има заедничка европска одлука“, изјави шефот на европската дипломатија.

Тој наведе дека сумата на воена помош што членките на ЕУ и ја испратиле на Украина досега достигнала 43,5 милијарди евра. Борељ уште еднаш потсети дека Брисел веќе почнал да ги користи приходите од замрзнатите руски средства за финансирање воена помош за Киев и дека испратил 1,4 милијарди приходи од замрзнати руски средства.

Шефот на европската дипломатија рече дека е одлучено да се зголеми бројот на украински војници обучени во рамките на мисијата на ЕУ од 60.000 на 75.000.

Тој најави и дека Европската комисија, веднаш по НАТО, ќе отвори канцеларија за координација на воената помош за Украина во Киев.

Претходно Борел ги повика земјите-членки да ги одобрат ваквите воени акции на Украина, коментирајќи дека на Киев треба да му се дозволи да го користи добиеното оружје „со полна сила“.

Од друга страна, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сиарто изјави дека Будимпешта е против одлуката Киев да може без ограничувања да користи оружје добиено од Запад бидејќи тоа може да доведе до сериозна ескалација.

Исто така, на неформалниот состанок во Брисел, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ не се договорија за искористување на шест милијарди евра од европскиот фонд за компензација за испораките на оружје за Украина.

„Шест милијарди евра остануваат блокирани од Унгарија, овие пари се наменети за земјите од ЕУ за компензација за испораката на оружје во Украина. Сметам дека ова вето е неприфатливо“, рече Борел.