Автопатското поврзување со Косово не е доведено во прашање, само се бара посоодветно решение, смета заменик-министерката за транспорт и врски, Калтрина Зеколи Шаќири, откако министерот Александар Николоски најави ревидирање на проектот за изградба на автопат од Скопје до граничниот премин „Блаце“.

Во писменото соопштение таа наведува дека поради погрешниот и нелогичен избор на траси од претходните раководители на ЈП за државни патишта кои избрале планински терен кој е тежок и скап за изградба, без јасни причини, сега ќе се бара поодржливо решение.

Зеколи Шаќири посочува дека од планираните 12 километри, 6 километри се предвидени да бидат тунели, што го прави овој проект исклучително скап без јасни причини со проценета цена од околу 240 милиони евра за преостанатите 12 километри, односно околу 20 милиони евра по километар, што го прави овој проект еден од најскапите проекти по километар во регионот.

– Се прави ревизија со ЈП за државни патишта, да видиме дали е изводлив овој проект, да видиме дали сепак би можеле да ја користиме постојната траса – рече Николоски.

Тој рече дека првпат јавно кажува дека цената на изградбата го надминува износот на кредитот кој го одобри ЕБОР.

– Ова првпат го кажувам во јавност. За месец и половина очекувам да излеземе со решение – рече тој.

Јавното претпријатие за државни патишта во 2022 и 2023 потрошило „нула“ денари на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, иако одамна е започнат како оформен проект. Ова беше нотирано во годишниот извештај за работата на „Државни патишта“ за минатата година. Иако биле планирани милијарда денари, односно околу 16,4 милиони евра, на оваа автопатска делница во текот на минатата година не биле реализирани никакви средства.

Договорот со ЕБОР за втората фаза од 10,5 километри, од селото Блаце до Скопје, е потпишан во јули 2022 во вредност од 186 милиони евра. Повикот за надзор и изведувач е распишан дури во 2023, но уште не се знае кои ќе бидат избрани како оператори што ќе работат на автопатот до Косово.

Ова е втор проект што го оспорува сегашното раководство на Министерството за транспорт и врски и премиерот Христијан Мицкоски бидејќи сметаат дека е прескапа инвестиција.

– На памет не ми паѓа да продолжам да ги реализирам дел од проектите кои ги преземала претходната влада. На памет не ми паѓа да потрошам 550 милиони евра за пруга којашто завршува во слепа улица на половина тунел, без предвидлива иднина како ќе биде понатаму до Црно Море, на основа на црвен Фидик, што значи дека со пенали може да дојде до 750 милиони евра. Половина милијарда пари на граѓаните предвиделе да ги потрошат за пруга која ќе заврши во слепа улица. Тоа нема да го потпишам никогаш додека сум претседател на Владата. И затоа ги замолувам тие пари да ги потрошиме во модернизација на пругата на коридорот 10 – рече деновиве Мицкоски.

Министерот Николоски од Гевгелија најави период на силна градежна офанзива во сите општини во државата за што за оваа година се обезбедени 100 милиони евра за инфраструктурни проекти за општините, како и 250 милиони евра директна поддршка за општините за следната година.

– Обезбедив 30 милиони денари за изградба на Западен булевар „Климент Охридски“ во Гевгелија и очекувам набрзо да започне неговата изградба. Претходно со околу 10 милиони денари се реконструираше улица во населеното место Мрзенци и ова начинот како оваа Влада дава силна поддршка за развој на општините – истакна Николоски.

Тој најави дека во соработка со ЈП за државни патишта ќе се реконструира автопатската делница од Гевгелија до ГП Богородица и од Гевгелија до Неготино, додека во делот на општина Богданци се работи на изградба на обиколница во општината.

Пуштен во употреба новоизграден пазар во Миравци

Министерот Николоски заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во населеното место Миравци пуштија во употреба новоизграден пазар.

– За рекордно време до 3 месеци се изгради пазарот, инвестиција од 4 милиони денари што верувам дека ќе помогне на целиот регион. Оваа година од средства од заемот за Светска банка одобривме 10 милиони денари што се реализирани за селото Мрзенци – рече Николоски.

(С.Бл.)