Од понеделник колапс во јавниот превоз – скопјани подгответе се навреме!

36

Започнува учебната година, бројот на корисници на јавниот превоз се зголемува, а градските власти не успеаја ништо да направат за да се справат со проблемот кој тлее со месеци. Поради политички препукувања во градскиот Совет, ЈСП остана без нови автобуси, па сега е принудено со стари и репарирани возила да ги превезува скопјани, кои ги нема во доволен број и не можат да го покријат возниот ред. За надминување на проблемот нема да биде активиран ни приватниот превоз, бидејќи тие ќе партиципираат само со 15 возила  

 

Очигледно е дека од понеделник ќе се продлабочи хаосот во јавниот градски автобуски превоз откако средношколците ќе тргнат на училиште. И досега имаше гужви на автобуските постојки, а граѓаните чекаа и по два часа автобус, бидејќи се во недоволен број, а од понеделник тие ќе се зголемат, бидејќи ниту градоначалничката, ниту пак градските советници се заложија да изнајдат некакво решение.

Со тоа што градските советници не ги изгласаа предлог-одлуката за потреба од набавка на нови еколошки автобуси и за воведување на БРТ систем, ги оставија на цедило скопјани и ги лишија од модерен и удобен јавен градски превоз кој го заслужуваат, а не да се возат во автобуси без клими на +40 степени кои се расипуваат на сред пат, а патниците се истовараат и се принудени повторно да чекаат друг кој не се знае кога ќе дојде.

Единствено останува ветувањето на директорот на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Драги Кушовски, дека ќе направи ремонт на 30 автобуси кои не можат да го покријат зимскиот возен ред, бидејќи како што истакнуваат од ЈСП се потребни најмалку 40 автобуси.

Од ЈСП информираат дека е започната постапката за ремонт на автобусите, но и тоа дека се прави оптимизација на зимскиот возен ред.

– Ќе вклучуваме или ќе исклучуваме линии според потребите. Правиме сè што можеме и со сè што ни е на располагање. Се работи деноноќно – велат од ЈСП, без да прецизираат до кога ќе биде завршен ремонтот на 30 автобуси.

Оттаму додаваат дека на дневна основа во моментов се на располагање од 160 до 180 автобуси кои се со просечна старост од 13 години.

– Со оглед на просечната старост не можеме да очекуваме да не се расипуваат автобусите, но работиме и правиме се во моментов да се подобри состојбата – децидни се од ЈСП.

Последната набавка на автобус беше во 2020 година, во времето кога градоначалник беше Петре Шилегов. Се работеше за 33 автобуси „МАН“, за што беше потпишан договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за кредит од 10 милиони евра.

Европската банка сега бара државата да го плаќа кредитот за Договорот за кредитно задолжување беше потпишан во 2019 година, според кој кредитот треба да го плаќа јавното сообраќајно претпријатие, со Град Скопје, како главен гарант и Министерството за финансии како секундарен гарант.

ЈСП „Скопје“ во јануари годинава доби 11 милиони евра субвенции од Град Скопје за исплата на плата и подмирување на обврските.

Притоа, од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Арсовска не изнела никаков план за решавање на состојбите во ЈСП и надминување на состојбите со хаосот со јавниот превоз.

– Нејзиниот единствен предлог беше задолжување на градот за набавка на нови автобуси кои би дошле по една година. Ставот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е дека на Скопјани не им треба решение по една година какво предвидува Арсовска и тоа преку ново милионско задолжување на градот, туку решение кое ќе почне да функционира од понеделник кога стартува новата учебна година – децидени се од ВМРО-ДПМНЕ.

Состојбата уште повеќе се усложнува и по информацијата дека приватните превозници од понеделник, на почетокот на новата учебна година од вкупно 200 во сообраќај ќе вклучат само 15 автобуси, бидејќи како што велат, седум месеци не им била исплатена сумата за изминат километар од Град Скопје, односно од ЈСП.

– И не само што ја нема исплатено сумата по изминат километар, иако скопската градоначалничка вети дека ќе ја зголеми цената по изминат километар, тоа не го стори, сега не избегнува – велат приватните превозници.

Тие додаваат дека вака ќе биде сè додека не им се исплати потребната сума за седум месеци.

– Поради неисплатениот долг се откажуваат и возачите. Кој ќе ти седи седум месеци без плата. Добро е и што досега издржавме – потенцираат приватните превозници.

Тие излезот ќе го бараат во тоа што ќе бараат помош од Владата.

– Дали ќе бараме помош од Владата, или ќе собираме потписи. Никој не го интересира зошто студентот задоцнил на испит и ја пропуштил можноста, бидејќи не дошол или му задоцнил автобусот или некој граѓанин задоцнил на закажаниот термин за преглед во болница. Нели е срамота во 21 век да нема јавен превоз заради суета или инает. Ова е невидено. Дај боже некако да среди, но не веруваме – револтирани се приватните превозници.

Инаку, како што истакнаа тие, 50 проценти од нивните автобуси се обновени и се со клима.

Решение за ваквата хаотична состојба од Арсовска на последната седница на Советот на Град Скопје побара и координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски.

– Во понеделник е 2 септември, децата почнуваат со училиште, речиси сите се враќаат на работа. Еве ви бел лист и напишете решение за јавниот превоз за од понеделник, 2 септември, затоа што вие овде што го зборувате е за набавка на автобуси. Тоа е за една година од сега. Овие изјави градоначалничке Арсовска што ги давате дека некој бојкотирал или не, тоа е само еден обичен пиар. Сега гледам излеговте, а ќе беше добро да ме слушнете додека говорам – рече  Стојановски.

Советниците на последната седница на Советот на Град Скопје со 28 гласа „за“, еден воздржан и без ниту еден глас против , пак го донесоа Предлог-развојниот план за јавен превоз на патници на подрајчето на Град Скопје за периодот 2024-2026 година.

Ѓорѓиевски: Законски измени за смена на Арсовска!

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска истакна дека скопските градоначалници како група се подготвени да иницираат законски измени доколку е потребно за да се овозможат подобри услови за функционирање на сите скопјани.

Тој смета дека единствениот спас за Скопје во моментов е неотповиклива оставка на скопската градоначалничка, Данела Арсовска

– Не отстапуваме од идејата, доколку треба законски да се имплементира, ние како скопски градоначалници да бидеме иницијатори тоа да се спроведе и во пракса. Ова е недопустливо да се дозволи и понатаму да се случува – изјави денеска Ѓорѓиевски.

И министерот за локална самоуправа, Златко Перински, би поддржал какви било измени на кој било закон за одземање на ингеренциите на градоначалникот на Град Скопје.

– Ние бараме инстант-решенија, бидејќи надвор има 40 степени, а Скопје тоне во смет. И да земеме ова да го решаваме на начин по укажување од градоначалниците, верувајте дека ќе треба време. Законот за локална самоуправа е системски закон, се носи со двотретинско мнозинство и треба да бидеме свесни дека ако влеземе во оваа авантура нема да може да го решиме прашањето. Затоа, апелиравме како Влада, зашто дел од системот на функционирање на Градот Скопје се менаџментот и Советот – таму можат наједноставно и најбрзо да се решат сите проблеми кои ние како скопјани ги живееме – нагласи  Перински.

(А.П.)