Шокантна одлука на британскиот премиер: Стармер нареди да се отстрани портретот на Маргарет Тачер од Даунинг стрит 10

116
EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Британскиот премиер Кир Стармер нареди да се отстрани портретот на поранешната премиерка Маргарет Тачер од Даунинг стрит 10, изјави биографот на Стармер, Том Болдвин.

Болдвин на собирот на саемот на книгата во Глазгов изјави дека разговарал со Стармер откако ја презеде функцијата премиер во поранешната канцеларија на Маргарет Тачер, каде што беше изложен нејзиниот портрет и дека Стармер рече дека ќе нареди да се симнат портретот, пишува Гардијан.

Портретот на Тачер, насликан од Ричард Стоун, е нарачан од поранешниот британски премиер Гордон Браун, кој ја извршуваше функцијата од 2007 до 2010 година, а беше откриен на приватен прием во 2009 година.

Уметничкото дело од 100.000 фунти (119.000 евра), платено од анонимен донатор, беше првиот портрет на поранешен премиер нарачан од Даунинг стрит 10.

Одлуката за отстранување на портретот, која прв ја објави Хералд, беше критикувана од некои членови на Конзервативната партија.

Британскиот пратеник Грег Смит изјави за лондонски Телеграф дека одлуката на Стармер е „целосно ситничава“ и покажува дека „нема почит кон историјата и претходните премиери“.

Кандидатот за лидер на шкотските ториевци, Мардо Фрејзер, изјави дека Стармер можеби презел таков чекор затоа што, како што навел, „бил исплашен од глетката на светски познатиот лидер до чии достигнувања никогаш нема да се приближи“.