ВО СКОПЈЕ СЕ МЕНУВААТ ИМИЊАТА НА УЛИЦИ КАКО ЧОРАПИ – ЗАСПИВАШ НА ЕДНА СЕ БУДИШ НА ДРУГА УЛИЦА Мајка Тереза ги спои Водно и Чаир

363

Најголемата светска хуманитарка, светицата Мајка Тереза, ги спои Водно и Чаир. Една од најрепрезентативните улици во Скопје, улицата „Водњанска“, пред неколку години беше преименувана во „Мајка Тереза, а од пред два дена и во скопската општина Чаир главната улица  „Христијан Тодоровски-Карпош“ замина во историјата и го доби името „Мајка Тереза“! За потсетување, со одлука на Советот на Град Скопје, од 24 јуни 2012, сменети се имињата на неколку улици, мостови и други инфраструктурни објекти, меѓу кои и името на „Водњанска“ во „Мајка Тереза“. Но, за скопјани, таа остана „Водњанска“, па на 30 март 2021 година, градските власти ѝ го вратија препознатливото име. Вакво често менување на имињата на улиците создава хаос и проблеми кај жителите, кои неретко велат: „Како тргнале овие, не знеш на која улица ќе легнеш, а на која ќе се разбудиш!“

Најголемата светска хуманитарка, светицата Мајка Тереза, ги спои Водно и Чаир. Една од најрепрезентативните улици во Скопје, улицата „Водњанска“, пред неколку години беше преименувана во „Мајка Тереза“, а од пред два дена и во  скопската општина Чаир главната улица „Христијан Тодоровски-Карпош“ замина во историјата и го доби името „Мајка Тереза“!

– Со гордост објавуваме дека отсега главната улица во Чаир ќе го носи името на оваа голема албанска личност – напиша вицепремиерот Изет Меџити на својот фејсбук-профил.

На ова реагираа од Левица, од каде што велат дека  продолжува системското бришење на антифашизмот во Чаир со тоа што се преименува улицата што го носеше името на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош.

 

– Функционери на Вреди, и тоа вицепремиерот и поранешен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и сегашниот градоначалник на Општината, Висар Ганиу, го обелоденија преименувањето на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош” во „Мајка Тереза“.

За ситни политички поени и за продолжување на проектот на ДУИ за целосно бришење на антифашистичкото минато од оваа скопска општина, сега на ред дојде и овој булевар, кој го поврзува северниот дел од градот до централното градско подрачје.

Претходно, на овој тренд на преименување подлегнаа и улиците што ги носеа имињата на чаирските народни херои како Цветан Димов, како улицата „Втора македонска ударна бригада“ преименувана во „Адем Демачи“ и паркот на НОБ, кој стана Парк Украина, во кој сега стои и биста на некогашниот американски претседател Вудро Вилсон, меѓу другите, реагираа од Левица.

Граѓаните на Скопје во изминатиов период доживеаја редица стресови со менувањето на имињата на улиците. Велат дека ваквите потези се веќе неиздржливи, бидејќи кому како ќе му текне, така менува, па тие што живеат на тие улици се соочуваат со редица проблеми, од вадење нови лични документи, од нови тапии во Катастарот, и згора на сè, сето тоа претставува дополнителен трошок, кој паѓа на товар на жителите на тие улици, а не на градските власти.

За потсетување, со одлука на Советот на Град Скопје, донесена на 24 јуни 2012, Градот Скопје ги смени имињата не неколку улици, мостови и други инфраструктурни објекти, меѓу кои и името на „Водњанска“ во „Мајка Тереза“.

 

На 30 март 2021 година, пак, мнозинството од Советот на Град Скопје гласаа за листата за промена на имињата на улици, мостови, булевари… со која некои од улиците си ги вратија старите имиња, преку кои беа познати повеќе децении, а новите не беа прифатени во јавноста. И така една од најпознатите улици во Скопје, „Водњанска“, го враќа старото име, кое беше променето пред неколку години во „Мајка Тереза“, а скопјани и натаму ја нарекуваа таа улица „Водњанска“. Или „Ленинова“, која беше преименувана во „Аминта Трети“ или „Железничка“ во „Јордан Мијалков“. И тие две улици си го вратија старото име.