СКОПЈЕ И СОФИЈА ВО ДВОНАСОЧНА ИЛИ ВО СЛЕПА УЛИЦА?! „Француски предлог плус“ чека политичка Влада во Бугарија

291

Ние сме соседи и треба да градиме добри добрососедски односи. Впрочем, имаме и таков договор за добрососедство, кој треба да биде основа за да можеме да продолжиме понатаму. Додатоците од типот француски предлог можат да имаат уште еден додаток – француски предлог плус итн. Убеден сум дека ќе му стане јасно на нашиот источен сосед, ако го гледа и својот интерес, дека процесот на преговори мора да почне за нас ако сакаме да имаме една целина како Балкан, која ќе биде дел од Европската Унија. Убеден сум дека таму има политичари што сакаат да го видат тоа – вели Мицкоски

Одблокирањето на евроитеграциските процеси е на агендата на македонската Влада, но она што се чека е новиот обид на Бугарија да состави Влада со која би можеле да разговараме, односно да добиеме партнер од другата страна со кого ќе можеме да комуницираме, односно политичка Влада.

– Во Бугарија, на 27 октомври, се закажани избори, дотогаш тие имаат техничка Влада. По тоа, се надевам дека ќе има политичка Влада и се надевам дека ќе можеме да седнеме на маса со таа политичка Влада и да најдеме заедничко решение со кое, конечно, ќе се тргне децениската блокада, која ја имаме како држава во евроитегративниот процес – вели премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека за сè треба двонасочна улица.

Но, што доколку Софија не сака да „репреговара“ за уставните измени, како што стојат работите моментално, дали ќе бидат ставени на маса други креативни решенија со кои би можел да се одблокира патот на Скопје кон Брисел?

– Ние сме соседи и треба да градиме добри добрососедски односи. Впрочем, имаме и таков договор за добрососедство, кој треба да биде основа за да можеме да продолжиме понатаму. Додатоците од типот француски предлог можат да имаат уште еден додаток – француски предлог плус итн. Убеден сум дека ќе му стане јасно на нашиот источен сосед, ако го гледа и својот интерес, дека процесот на преговори мора да почне за нас ако сакаме да имаме една целина како Балкан, која ќе биде дел од Европската Унија. Убеден сум дека таму има политичари што сакаат да го видат тоа – потенцира Мицкоски.

 

Тој потсети дека граѓаните кај нас се соочиле со барања и понижувања како ниту едни други граѓани што се дел од сите земји што порано беа дел од источниот блок, кога пристапуваа кон членство во Европската Унија.

– Речиси 20 години сме кандидати за членство во ЕУ, а поминаа речиси 25 години откако го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација, дури и пред некои земји што се сега членки на ЕУ. За жал, поради непринципиелни барања и поради домашни политичари кои на сметка на сопственото богатење и корупција прифаќаа сè и сешто, ние не сме во можност да продолжиме понатаму – рече Мицкоски.

Потенцира дека, како држава, остануваме посветени на овој пат и дека реформскиот план е она за што зборуваме денеска и е дел од ЕУ-агендата.

– Продолжуваме да работиме понатаму за полноправно членство во Европската Унија, ќе ги решаваме домашните проблеми, ќе правиме реформи. Тоа што е до нас – ќе го завршиме, но, за жал, тој процес не зависи само од нас – рече Мицкоски.

Во меѓувреме, собранискиот претседател, Африм Гаши, вели дека Собранието ќе има активна улога во прашањето за уставните измени, но процедурата не може да почне додека не се постигне договор. Бугарија засега не отстапува од барањето за внесување на Бугарите во Уставот за да може Македонија да преговара со Европската Унија.

Бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, деновиве, пред своето заминување од амбасадорското место во Македонија, повика да се почитува договореното. Амбасадорот истакна дека новата Влада би била подготвена за дијалог, но не и за нови преговори.

– Се надеваме дека по тоа ќе имаме една Влада со која ќе можеме да влеземе во еден интензивен дијалог. Се разбира, не во преговори, зашто не може да има преговори за она што е веќе договорено. Тоа што е договорено, мора да се почитува и да се исполни. Но, ние нема да ја менуваме географијата, си остануваме соседи и реба да имаме интензивна комуникација, вклучувајќи ја и Историската комисија – изјави Ангел Ангелов, амбасадорот на Бугарија.

Македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, истакна дека македонските власти чекаат стабилна политичка Влада во Софија, со која би имале дијалог за деблокада на евроинтегративниот процес и за идејата за уставни измени со одложено дејство.