Украина ја тестираше првата балистичка ракета од домашно производство

1158

Украина успешно ја тестираше првата балистичка ракета од домашно производство, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Што друго се случува во Украина? Мислев дека можеби е рано да зборувам за тоа, но… Имавме позитивен тест на првата украинска балистичка ракета. И честитам на нашата посветена индустрија“, рече Зеленски на прес-конференцијата во рамките на форумот „Украина 2024. Независност“.

Тој посочи дека не може да открие повеќе детали за ракетата и додаде дека мора да открие барем толку, за општеството во Украина да ги знае и цени работниците во домашната посветена индустрија, кои „работат 24 часа на ден, седум дена во неделата“, пренесува Политико.

Зеленски изјави дека производството на домашно оружје е во пораст од почетокот на војната меѓу Русија и Украина во 2022 година, но дека, и покрај тоа, Киев сè уште првенствено се потпира на воената помош од Западот.

„Ова е делумно затоа што немаме доволно пари да го финансираме домашното производство во голем обем“, рече претседателот на Украина.

Западните земји не ги финансираат директно вооружените сили на Украина, но помагаат со испраќање оружје и обука на војници.