Повторно пожар над дебарското село Татар Елевци

37

Пожар беснее над дебарското село Татар Елевци, а чадот се чувствува и во целиот град.

– Станува збор за недостапен, стрмен предел, под падините на планината Дешат. Локацијата е истата каде што неодамна имаше голем пожар, над селото Татар Елевци, кој поради ветрот се движи кон селото Горно Рајчица и Горно Косоврасти. Пожарот до сега зафати над 20 хектари нискостеблеста шума и сува трева, рече за МИА Фемија Ајроски, раководител на Регионалниот ЦУК-Дебар.

Додаде дека во гаснењето учествуваат дебарските пожарникари, вработени од подружницата „Стогово“ на ЈП „Национални шуми“, како и месно население.

– Со максимално залагање опасноста по куќите во селото Татар Елевци е избегната. Се прават напори пожарот да се стави под контрола, посочи Ајроски.

Минатиот пожар зафати над 30 хектари нискостеблеста шума и трева а по три дена од избувнувањето, на 8 месецов, во гаснењето се вклученија и два „ер трактори“, кои со вода се снабдува од Дебарско Езеро.