Владо Јаневски добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга со поезија од иселеник 

19

Македонскиот поет, писател и ликовен уметник Владо Јаневски од Австралија е годинашниот добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга со поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво, а во рамки на „Струшките вечери на поезијата“.

Жири-комисијата во состав Митко Гогов (претседател), Иван Шопов (член) и Игор Трпески (член) од пристигнатите пет книги, одлучи ова признание да го додели на Јаневски за поетската збирка „На грбот на неповратот“.

– Поетската збирка „На грбот на неповратот“ од македонскиот поет, писател и ликовен уметник Владо Јаневски од Австралија несомнено се издвојува од останатите по квалитетот, поетскиот пристап, како и естетските вредности со кои се одликува. Јаневски пишува приказно и прецизно, стилски префинето, а стиховите се надоврзуваат ритмично, честопати со наративните тонови балансирајќи помеѓу личното и колективното, интимното и општочовечкото. Песните се испишани со куси, слободни стихови, а тоновите во нив се меланхолични, рефлексивни, на моменти мрачни, но и имплицитно бунтовни. Евидентна е и јасно видлива грижата за структурата на книгата при поделбата на пет тематски кохерентни циклуси, кои сочинуваат цврста заокружена целина – соопшти жири-комисијата.