Центарот за истражување на предисторијата заедно со Прилепскиот џез викенд в недела на 25-ти август во 18:30 часот, организира концерт со цел да се афирмира археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија каде деновиве се привршуваат истражувањата.

„Оваа недела ќе настапи хорот Св. Петка кој ќе изведе вокална програма од средновековни и модерни композитори на духовна музика. Концертот претставува последна етапа од археолошките истражувања што се изведуваа на Врбјанска Чука во август“, најавуваат од Центарот за истражување на предисторијата. Оттаму посочуваат дека овогодишните истражувања, а кои се одвиваат веќе 9-та година, беа особено плодни и резултираа со бројни нови откритија што ги надополнија сознанијата за оваа неолитска населба формирана пред повеќе од 8000 години.

„При ископувањата се откри цела нова градба, во која има масивна печка и систем на помали сандачиња за чување и обработка на житарици. Освен овие фасцинатни архитектонски остатоци, исто така се пронајдоа сликани садови, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели, камени орудија и садови, што укажува на богатиот опус на материјална култура користена при секојдневните активности и обредите. Овие мултидисциплинарни истражувања, кои се во соработка меѓу стручњаци и студенти од Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел, продолжуваат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци, а кои ќе се публикуваат и презентираат во повеќе научни списанија и меѓународни конференции“, додаваат од Центарот.

Инаку, теренските и кабинетските истражувања се финансиски подржани од Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел.