Мувлосан кашкавал, замирисана салама, скапани сливи… што се се продава во маркетите?!

Граѓаните се жалат дека во последно време сè почесто се случува да купат мувлосан кашкавал, замирисана салама, скапани сливи. Од Агенцијата за храна и ветеринарство - АХВ за весникот ВЕЧЕР велат дека инспекторите секојдневно се на терен и континуирано спроведуваат надзори на домашниот промет, сите фази на производство, транспорт и продажба и увозот на храна. Оттаму велат дека во летните месеци, покрај постапувањата по Годишниот план за спроведување на инспекциски контроли се вршат и засилени инспекциски контроли кај сите оператори со храна, особено во туристичките центри каде што фреквенцијата на потрошувачи е поголема

1291

Сè повеќе расипани производи во маркетите. Граѓаните се жалат дека во последно време сè почесто се случува да купат мувлосан кашкавал, замирисана салама, скапани сливи. Велат дека и покрај тоа што рокот на траење е добар, кога ќе го отворат производот дома мириса на расипано и има кисел вкус. Од Агенцијата за храна и ветеринарство – АХВ за весникот ВЕЧЕР велат дека инспекторите секојдневно се на терен и континуирано спроведуваат надзори на домашниот промет, сите фази на производство, транспорт и продажба и увозот на храна. Оттаму велат дека во летните месеци, покрај постапувањата по Годишниот план за спроведување на инспекциски контроли се вршат и засилени инспекциски контроли кај сите оператори со храна, особено во туристичките центри каде фреквенцијата на потрошувачи е поголема.

-Пред два дена купив мувлосан кашкавал, рокот добар, од фрижидер… Се поставува прашањето како се чува во магацин и како се транспортира. Минатото пазарење купив мувлосана салама – пица слајс во кутија вакумирана. Отворајте очи, пријавувајте, барајте си го правото. Цените на прехрамбените производи одат во плафон, храната станува луксуз, барем квалитет да добиевме, вели една Скопјанка.

Граѓаните велат дека исто им се случило и со сирење и со салама. Така на пример една граѓанка вели дека од еден маркет купила гурмански колбас, рокот на траење бил добар, но кога го отворила дома бил замирисан и ни мачката не сакала да го јаде.

-Фрижидерите им се на минимум. Земаат на големо и не им се трошат производите кои од топлото брзо се расипуваат. Треба и продавачите да ги проверуваат производите кога ги ставаат на рафт. Производите чија амбалажа е оштетена да не ги ставаат на полица, коментира друга купувачка.

Граѓаните реагираат дека во маркетите често се случува да има скапано овошје и зеленчук и никој да не го трга од рафт.

–Ај кај производите, кој не се гледа дека се расипани во ред, ама кај овошјето и зеленчукот барем се гледа. Одам неколку дена по ред и гледам дека скапаните сливи стојат на рафт, коментира една муштерика.

Граѓаните коментираат дека нема веќе квалитет, бидејќи често се случува откако ќе отворат некој млечен или сувомесен производ по еден ден стоење во фрижидер да се расипе. Велат дека некои маркети имаат проблем со транспортот и складирањето на производите па често се случува вакумирани производи да примаат воздух поради што и се расипуваат. Потребно е продавачите да ги проверуваат производите кога ги редат на рафт и доколку некој производ е сомнителен и покрај важечкиот рок да се повлече од продажба, коментираат граѓаните.

-Карактеристично за летниот период е зголемување на бројот на поплаки и жалби од страна на граѓаните и потрошувачите, со оглед на нивната зголемена мобилност и во одредени денови, во периоди со екстремно високи температури, зголемената подложност на расипување на одредени прехранбени производи како и зголемена осетливост на потрошувачите, особено на ранливите категории. Поради овие причини АХВ  во летните месеци ја зголемува фреквенцијата на инспекциски контроли, врши превентивно упатување и едуцирање на операторите и потрошувачите за обезбедување на безбедна храна, велат од АХВ.

Во првите 6 месеци од годинава до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ поднесени се вкупно 90 иницијативи за вршење инспекциски надзор, од кои 50 се однесувале на безбедноста на храната. Граѓаните до Агенцијата се пожалиле на купување на храна со поминат рок на употреба, храна подготвена и послужена во нехигиенски услови, несоодветно означена и неозначена храна, сомнежи за труење со храна, како и други претставки кои се однесуваат на квалитетот на прехранбените производи. Од вкупниот број поднесени иницијативи од областа на безбедноста на храната, како неосновани отфрлени се 4, а за другите соодветно е постапено од страна на инспекциските служби.

-Како одговорна институција апелираме и граѓаните и операторите да внимаваат кога е безбеднoста на храната во прашање. Операторите да ги почитуваат принципите на Добра производствена и хигиенска пракса и HACCP стандардите за безбедност и во нивни рамки да ја почитуваат обврската и самите од рафтовите да ги отстранат производите со поминат рок на употреба или небезбедните производи по кој било основ. Граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да внимаваат каде купуваат храна, во кој временски период тоа ги прават, но и како ја подготвуваат и чуваат истата, информираат за ВЕЧЕР од АХВ.

Од почетокот на годинава заклучно со јуни спроведени се 24.335 инспекциски контроли во внатрешниот промет. Изречени вкупно 2.433 инспекциски мерки. Уништени 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна. При спроведените контроли при увоз, како небезбедни уништени се 4 пратки со храна од неживотинско потекло – 1.225 кг нектарини поради присуство на пестицид хлорафирипос, 6.048 литри освежителни пијалаци поради присуство на бактерии, 36.000 кг вода – присуство на бактерии и 68 кг намаз поради присуство на адитив над максимално дозволените концентрации.

Вратени се и триесеттина пратки со храна од неживотинско потекло кои се извезени од нашата држава, поради несоодветна калибража, немање документ, грешка во испорака, оштетување при транспорт, но, не се вратени поради небезбедност.

Вратени/уништени се и 5 пратки со храна од животинско потекло месни конзерви од Романија поради oтсуство/неправилен ветеринарно-здравствен сертификат, замрзнато пилешко месо од Унгарија, пратката доаѓа од регион кој е под забрана за увоз, пиперки со урда поради отсуство на ветеринарно – здравствен сертификат, конзервирана туна по потекло од Тајланд поради зголемено присуство на хистамин, и 319 кг кравјо сирење  поради утврдено присуство на  бактерија е – коли.

Од АХВ информираат дека секоја доследност во однос на безбедноста на храната граѓаните може да ја пријават лично во АХВ, електронски на info@fva.gov.mk или на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22.

(А.С.)