Ѓорѓиевски испрати нова група деца на спортски камп на Охридското езеро

47

Нова група од околу 130 дечиња, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вчера утро испрати на спортски камп на брегот на Охридското Езеро.

Тој им посака среќен пат на спортистите од младинските категории, од спортските клубови од општината и на основците од социјален ризик кои наредните седум дена бесплатно ќе летуваат и ќе се дружат.

– Овој бесплатен седумдневен камп е многу повеќе од обично летување. Tој претставува одлична можност децата да се социјализираат, да создадат нови пријателства и да ги развиваат своите спортски таленти. Верувам дека преку вакви активности, децата не само што ќе ги усовршат своите спортски вештини, туку ќе научат и важни животни лекции за тимска работа, дисциплина и посветеност – истакна Ѓоѓиевски.

Тој додаде дека обврска на општината е да продолжи да ги поддржува и мотивира младите спортисти, а оваа иницијатива е само дел од континуираната стратегија за промоција на спортски активности и здрав начин на живот меѓу младите.

-Воедно, на ова гледам и како на начин да се спречи маргинализацијата на децата од социјално загрозените семејства. Сите деца, без разлика на нивната социјална позадина, заслужуваат еднаква шанса за успех и развој – дециден е Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски наведе дека Општина Кисела Вода ќе продолжи да инвестира во вакви проекти, кои не само што го поддржуваат личниот и спортскиот развој на талентираните млади, туку и придонесуваат за надминување на социјалните бариери и создавање на еднакви можности за сите.

Преку оваа мерка на Општина Кисела Вода бесплатно летување е овозможено на вкупно 165 дечиња.