Вилите на Тито „пукале“ од луксуз во кој уживал заедно со кралицата Елизабета, Кастро, Че, Брежњев, Елизабет Тејлор, Шарл де Гол, Фрида Кало…

589

На терасата на „Белата вила“ на Бриони е основано Движењето на неврзаните. Во оваа вила Тито нагостил повеќе од 90 државници од 60 земји и неброени парламентарни делегации. Таму се сретнал со Че Гевара, Алберто Моравија, Марио дел Монако, Софија Лорен, Џина Лолобриџида, Елизабет Тајлор и Ричард Бартон… но и со гости и делегации од СФРЈ. На Бриони имало цел комплекс објекти, а таму најголема атракција е Титовиот кадилак, кој сега се изнајмува. Најлуксузниот дел во вилата „Галеб“, во Игало, е бањата на Тито, со плочки од бразилски мермер, познат по тоа што од еден кубен метар можат да се направат само две плочи. Вилата „Извор“ покрај Плитвичките Езера не ѝ е  позната на јавноста, но се сметала за најскапа и најлуксузна од сите. Ја граделе заробеници од Голи Оток, Градишка, Лепоглава и Митровица. Ја викале „Објект 99“, зашто се верува дека во неа животите ги вградиле 99 заробеници, но таа приказна никогаш не е потврдена. Се раскажува дека во отсуство на Тито во оваа вила, во која можело да се влезе само преку подземен тунел, југословенските политичари правеле луди журки. Денеска од неа се останати само голи ѕидови. Во вилите на Тито биле вработени повеќе од 2.000 лица.

 

Kралицата Елизабета, принцот Чарлс, Сиримаво Бандаранаике, Шарл де Гол, Хо Ши Мин, Вили Брант, Леонид Брежњев, Винстон Черчил, Никита Хрушчов, Садам Хусеин, Фидел Кастро, Ричард Бартон, Елизабет Тејлор, Џина Лолобриџида, Фрида Кало… се само дел од славните личности кои имале можност барем накратко да уживаат во луксузот на вилите што ги имал доживотниот претседател на поранешната СФРЈ, Јосип Броз Тито низ тогашната државата.

За негов одмор и уживање на најатрактивни места со прекрасен поглед на море, езеро, на планина, во воздушни бањи… вилите ги изградила државата низ сите југословенски републики. Ги имало вкупно 33, но иако се сметало дека е нивен сопственик, ниту една не наследија неговите потомци. Денеска повеќето се сопственост на државите во кои се наоѓаат, а некои се продадени на приватни лица, или пак се вратени на претходните сопственици. Неколку од нив  се отворени за посети, така што и обичните луѓе можат да ѕирнат во луксузот во кој некогаш уживале Тито и неговите гости, но има и такви кои се распаѓаат, оставени на немарноста на државата која ги добила и на забот на времето.

Вилата „Билјана“ на Охридското Езеро е единствената која Тито ја имал во Македонија. Оваа вила се смета за најтаинствена, зашто за неа има многу малку јавно достапни информации. Нема податоци за тоа кога е изградена, колку пати престојувал Тито во неа и слично. Скриена во зеленило, надвисната над блескавото езеро, вилата има фасада од природен камен и ја одразува традиционалната архитектура. За неа раскажуваат мештаните кои велат дека има плажа со ситен песок до која се доаѓа со лифт. Денеска е во сопственост на македонската Влада и Претседател, чии претставници ја користат за личен одмор и за прием на високи гости. Пристапот до вилата „Билјана“, како во времето на Тито, така и сега е строго чуван.

За разлика од „Билјана“, за вилата „Галеб“ во Игало, на црногорското приморје  има изобилство од податоци. Изградена е за само шест месеци на површина од 5.500 метри и опкружена е со огромен парк. Во неа Тито престојувал четирипати по еден до два месеца, а само еднаш бил таму со сопругата Јованка. Денеска во неа е задржан стариот мебел, а во конгресната сала сè уште стојат 51 фотелја, по една за секој член на тогашниот Сојузен извршен совет. Најлуксузниот дел е бањата на Тито, со плочки од бразилски мермер познат по тоа што од еден кубен метар можат да се направат само две плочи. Вилата има и атомска скривница. Тито последен пат бил во неа во 1979 година. Тоа е една година пред да почине и во време на силниот земјотрес што ја погоди Црна Гора. За време на разорниот земјотрес Тито го обиколил целото приморје со автомобил, одбил да биде евакуиран и побарал да му се подигне шатор за да се смести. Сега вилата „Галеб“ е во сопственост на  Институтот за рехабилитација „Симо Милошевиќ” и отворена е за посетители чиј број постојано расте. Од 2000 година се изнајмува, главно на богати Руси.

Убедливо најпозната е Титовата резиденција во националниот парк Бриони во Истарскиот архипелаг во Хрватска. На терасата на „Белата вила“ на Бриони е основано Движењето на неврзаните. Во оваа вила Тито нагостил повеќе од 90 државници од 60 земји и неброени парламентарни делегации. Таму се сретнал со Че Гевара, Алберто Моравија, Марио дел Монако, Софија Лорен, Џина Лолобриџида, Елизабет Тајлор, Ричард Бартон… но и со гости и делегации од СФРЈ. Таа вила 30 години била негова службена резиденција, а сега е резиденцијален објект во кој е забранет влезот. Но, низ дел од паркот Бриони, каде што се наоѓа најстарото маслиново дрво во Европа, може да се прошета. На Бриони има и други објекти што биле наменети за Тито, кои денеска ги чуваат вооружени војници. Таму сè уште е познатиот Титов кадилак, во кој се возеле Ганди, Нехру, Хаиле Селасие, Индира Ганди… Овој олдтајмер, со задржана оригинална темнозелена боја, и денеска е во одлична состојба со поминати 29.000 километри и е главна атракција на островот. Сега тој се изнајмува.

Вилата „Извор“ покрај Плитвичките Езера не ѝ е позната на јавноста, но долго време се сметала за најскапа и најлуксузна од сите, а за неа се врзани и најмногу пикантерии. Ја граделе заробеници од Голи Оток, Градишка, Лепоглава и Митровица. Ја викале „Објект 99“, зашто се верува дека во неа животите ги вградиле 99 заробеници, но таа приказна никогаш не е потврдена. Сè, вклучувајќи го и тунелот се правело рачно, без ниту една машина. Затворениците сами го направиле и уникатниот мебел. Од мермерните столбови и скали, дрвото лакирано во седум слоеви и другиот луксуз денеска нема речиси ништо. Останале само голи камени ѕидови и искинати завеси. А некогаш имало 20 луксузни апартмани на површина од 6.500 квадрати. За оваа вила до која се доаѓало преку 80 метарски таен тунел, се зборува дека кога Тито не бил таму, југословенските политичари правеле луди журки. Хрватските власти сега имаат намера во овој пропаднат објект да сместат научно-истражувачки центар за климатски промени, но чекаат пари од ЕУ фондовите.

Во Хрватска Тито имал вкупно 11 недвижности од кои некои не биле градени специјално за него, туку „им фрлил око“, па биле одземени од претходните сопственици. Таква е вилата „Далмација“, во Сплит, која била изградена уште во 1914 година. Имал вила и во Кумровец, потоа во Опатија во која го примил либискиот претседател Гадафи. Во Лапад во Дубровник исто така поседувал вила, но таа денеска е вратена на старите сопственици. Тито имал можност да ужива и во две вили во Купари.

Во Словенија Тито имал летна резиденција во Блед. Прекрасниот објект се наоѓа на брегот на Бледското Езеро и е опкружен со убав парк. Вилата има три ката и лифт кој сè уште функционира исто како во времето на Тито. Од 1984 година вилата е претворена во хотел кој е дел од голема хотелска групација. Во негови рамки има луксузен спа центар. Нема информации со кои светски државници или ѕвезди Тито се дружел во таа вила, но денеска во хотелските соби спијат највисоките светски државници.

Во континенталниот дел на државата имало уше неколку објекти во кои престојувал Тито. Во Самобор имал викендичка, а во Барања на располагање му била вилата „Тиквеш“. Меѓу помалку познатите е вилата  „Дунавка“ на самата српско-хрватска граница кај Шаренград, во која се венчал со Јованка во 1952 година. Тука е и Белиот двор на Дедиње, во Белград во кој живеел. Дворецот бил сопственост на српското кралско семејство, а денеска е вратен на наследникот Александар Втори Караѓорѓевиќ. Во паркот што го опколува дворецот има гроб, во кој се останките на најголемата љубов на Тито, Даворјанка Пауновиќ. Престолонаследникот Караѓорѓевиќ и денеска го одржува тој гроб зашто, како што вели, само диктатори ја бришат историјата.

Во вилите на Тито низ поранешната држава СФРЈ биле вработени повеќе од 2.000 луѓе.

Додека бил жив Тито имал на располагање и други недвижности, но ги имал и познатиот брод „Галеб“ и синиот воз.