Јадранското Море зоврива, пецкаат планктони, касаат риби, демнат ајкули

9913

Во Пула деновиве уште во 8 часот наутро е измерена температура на морето од 29,2 степени. Во Ровињ температурата била нешто пониска, но загрижувачка, 28,9 степени. Во текот на денот границата од 28 степени ја пробиле Дубровник, Комижа, Крк, Раб, Малинска, Мали Лошињ… Во Мало Езеро на Мљет, пак, во 18 часот се измерени 29,9 степени. Температурата на морето во Црна Гора е пониска, но на одредени места рано изутрина надминува 26 Целзиусови степени. Тоа е мошне алармантно бидејќи влијае на флората и фауната и на сите нас. Намножени планктони кои сакаат топла вода пецкаат и го уништуваат уживањето на капачите, но и привлекуваат ајкули близу до плажите

 

Вознемирувачки податоци за температурата на морето во последно време пласираат хидроиметеоролошките служби на Хрватска и Црна Гора. Јадранското Море зоврива, достигнувајќи температури до 30 Целзиусови степени.

Такви температури не се вообичаени и иако на некои од капачите им годат, предизвикуваат големи проблеми. Еко системот се менува, се множат планктони, кои пак ги привлекуваат грабливците од големите длабочини. Но, оваа ситуација, само кулминира, за што водата постепено се подгрева последниве години, па како што велат стручњаците, Јадранското Море се претвора во Црвено Море.

Според најновите информации што доаѓаат од Хрватска, летово температурата на морето е три до пет степени повисока од просечната. Како што објави Хрватската радиотелевизија (ХРТ) во Пула деновиве, уште во 8 часот наутро, е измерена температура на морето од 29,2 степени. Во Ровињ температурата била нешто пониска, но загрижувачка, 28,9 степени. Во текот на денот границата од 28 степени ја пробиле Дубровник, Комижа, Крк, Раб, Малинска, Мали Лошињ… Во Мало Езеро на Мљет, пак, во 18 часот се измерени 29,9 степени. Температурата на морето во Задар достигнала 27,7 степени, а малку се местата со температура на морето под таа. Според расположливите податоци, морето во Хрватска било најтопло на 18 јули лани, кога во во Цриквеница биле измерени 30 Целзиусови степени. Иста температура на 16 јули оваа година е измерена и кај Дубровник, но тој податок не се смета за релевантен зашто уште не ги поминал сите потребни контроли.

Невообичаено топло е и морето во Црна Гора. Тамошниот хидрометеоролошки завод мери температури кои на одредени места деновиве рано наутро достигнуваат 26 Целзиусови степени. Експертите предупредуваат дека ваквото загревање на долг рок остава свој белег на целиот морски свет.

-Тоа е мошне алармантно бидејќи влијае на флората и фауната и на сите нас. Сега морето станува се потопло, видовите од потоплите мориња доаѓаат во источниот Медитеран преку Суецкиот канал, полека доаѓаат до Јадранот и некои од нив полека стануваат автохтони, вели Ивица Вилибиќ, океанограф од Институтот „Руѓер Бошковиќ“.

И задарскиот метеоролог Душко Краљев посочува дека состојбата е загрижувачка.

-Ќе го има тоа, и сè повеќе, брзо ќе станеме Црвено Море. Долу во Персискиот Залив што температурите на морето од 30 степени во текот на годината се нормални, но тоа допрва ќе треба да се почека, вели тој.

Илија ЌетковиЌ од црногорскиот Институт за биологија на морето вели дека во овој дел на Јадранот веќе доаѓаат риби и од Атлантскиот Океан, но и такви кои ги имало во Медитеранот, но не и во овој негов дел. Тој наведува повеќе нови видови како четиризапка, риба-туба, риба-лав и други.

Освен новите видови риби, за кои капачите по социјалните мрежи пишуваат дека ги касаат, на прегреаното Јадранско Море му се случува и наезда од планктони и планктонски полжави, по кои дури до брегот, близу до плажите доаѓаат и ајкули.

На Фејсбук страницата на словенечкиот „Аквариум Пиран“, експерт од Универзитетот во Приморска објави предупредување дека во Јадранското Море има наезда од мали организми кои можат да предизвикаат непријатност кај капачите додека пливаат.

-Во морето, овие денови може да се видат светло розови облаци од ситни иглички, бидејќи повторно се намножија малите планктонски полжави крезеис (Creseis acicua). Затоа, ако чувствувате благо пецкање и чешање додека пливате, тоа е поради нивните игличести крлушки, долги околу еден сантиметар. Вака ги гледаме под микроскоп, пишува во објавата во која има и зголемена фотографија од овие ситни организми кои тешко се забележуваат со голо око.

Словенечката веб-страница „Метрополитен“ наведува дека планктонските полжави крезис се хранат така што фрлаат долги прамени на слуз во морето како рибарска мрежа, а потоа со неа вовлекуваат во уста уште помали планктони. Словенечкиот Национален институт за биологија објасни дека овие организми ја сакаат топлината, а во словенечкиот дел на Јадранското Море ги донеле струите од неговите јужни делови.

-Не се опасни за капачите, но може да бидат непријатни бидејќи поради својата форма понекогаш може да боцкаат, а често се заглавуваат и во костими за капење, велат од институтот.

Научниците од Центарот за истражување на морето „Руѓер Бошковиќ“ во Ровињ пред неколку години потврдија присуството и на зоопланктон во областа на северниот дел на Јадранот. Овој морски планктон е наречен зраци (radiolaria) и има големина од 0,15 милиметри.

Инаку, овие планктони во моментов се особено намножени не само во морето во Словенија, Хрватска и Црна Гора, туку и во Грција, а капачите кои ги почувствувале опишуваат дека жарат како коприва. Лекарите смируваат дека по излегувањеот од вода пецкањето предизвикува чешање, кое пак спонтано исчезнува кога ќе се исуши кожата, а на неа потоа не останува трага како осип и слично.

Но, планктоните ги повикаа ајкулите кои се хранат со нив и тие се почесто може да се видат од плажите. Пред неколку дена во Истра е снимена голема ајкула, втор најголем вид  риба, од кој е поголема само кит-ајкулата. Таа ајкула која во Јадранот живее уште од 18.век е заштитен вид и не е опасна. Сепак, соочувањето со неа за најголемиот број капачи е страшно.

Постарите жители на местата покрај море велат дека ова веќе не е Јадранот кој го знаеле од младоста, бидејќи порастот на температурата променил се.