„Македонистичкиот гордорек е градиозна мисија, со далекусежна визија, но и наш свет завет – македонистиката како наука да ја возвишиме на повисоко преку светска афирмација и третман на македонистиката како врвен национален интерес. Имаме прекрасна древна традиција, развиена наука и раскошна уметност, кои се прекрасно лице на нашата култура. Македонската култура е прекрасен изворник на врвни и драгоцени цивилизациските продобивки како што се: писменоста, просветата, науката, културата и уметноста“, посочува директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска

Под мото „Македонистички гордорек“, денеска во Охрид, на праизворите на цивилизациските продобивки и на изворникот на сесловенската и македонска писменост и култура започна 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

На најновото издание на Летната школа на МСМЈЛК, што ќе се одржува до 29 август во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, ќе учествуваат 65 македонисти од 17 земји, односно од: Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Р. Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, кои ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура.

На денешното свечено отворање на 57. Летна школа на МСМЈЛК во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето поздравно обраќање порача дека „континуираното повеќедецениско одржувањето на оваа школа е потврда за живиот научен интерес за македонскиот јазик како словенски јазик и дел од Балканскиот јазичен сојуз, за преокупацијата не само на лингвистиката туку и на научната мисла воопшто, со неговите корени, историски, јазични и други аспекти“.

Тој додаде дека годинава, Семинарот кој се одржува во една од колевките на славјанството, во градот полн со духовна и културна симболика, древниот Охрид, ги одбележува и значајните јубилеи на великаните на македонската наука и култура: 150 години од раѓањето на македонскиот великан – филолог, кодификатор, етнограф и публицист Крсте Мисирков; 95 години од раѓањето на поетот, есеист и литературен критичар Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на неповторливиот поет, романописец и драмски автор Петре М. Андреевски.

„Овие дејци имале јасна визија и биле верни чувари на јазикот како врвно национално богатство и суштина на нашиот идентитет и култура. Затоа, чествувањето на овие јубилеи нека претставува поттик за доследно исполнување на светиот завет пред основоположниците на нашата национална култура, јазик и писменост“, рече Љутков.

На отворањето се обратија и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и министерката за образование и наука Весна Јаневска. „Сите ние што живееме овде и нè прегрнува Плаошник, имаме обврска кон човештвото да го споделиме богатството на Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски, на што повеќе јазици, затоа што тоа е македонско, и светско истовремено. И не само нивното, туку и на плејадата дејци чии творби на македонски јазик носат длабока хумана есенција. Затоа ни се потребни добри преведувачи, сериозни проучувачи и познавачи на македонскиот јазик, вљубеници во македонскиот збор“, посочи Јаневска.

 

За првпат годинава се доделени наградите „Воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнување и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката. Наградите се за истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот. Благодарниците „Синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмација на македонистиката, пак, беа наменети за Општина Охрид, АД Алкалоид-Скопје, АКУД Мирче Ацев, г. Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, г. Перчо Божиновски заменик градоначалник на Општина Охрид, Живко Мукаетов, директор на АД Алкалоид-Скопје и Благоја Јованоски, директор на АКУД Мирче Ацев.

Годинава, како што истакнува директорката на МСМЈЛК проф. д-р Кристина Николовска, Програмата на 57. Летната школа ќе има подновен концепт со визија, со збогатени и иновативни содржини. Покрај редовна лекторска настава и пленарните предавања на реномираната филолошка и културолошка школа на УКИМ, од оваа година започнува амбиентална настава која ќе се одржува во срцето на градот Охрид, на изворите на сесловенската и македонската писменост. Амбиенталната перипатетичка настава „По стапките на Свети Климента“ ќе ја одржуваат проф. д-р Димитар Пандев и проф д-р Кристина Николовска, започнувајќи од манистирскиот и археолошки комплекс Плаошник, продолжувајќи во култните Спомен-куќи на: Григор Прличев, Робевци, Христо Узунов и Уранија. Амбиентална настава ќе има во Манастирот Свети Наум, и во поетска Струга во Спомен-куќата на Браќата Миладинови. Програмата предвидува и културно-историски екскурзии, како што се: посета на старото градско јадро на Охрид, патување со брод до Свети Наум, екскурзија во Струга и Вевчани, и посета на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.

Програмата е богата со културни настани, промоции, средби со писатели, а ќе се одржува и Курс по македонски народни ора. Од Преведувачката работилница на која ќе препејуваат семинаристите, се планира публикување на два зборника: Зборник „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот). Зборниците ќе содржат и две „Песнарки“ со „Кажувачки“ наречени: „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици, македонисти, научници, писатели, културни дејци, критичари и јавни личности.

На 30 и 31 август, пак, ќе се одржи 51. Меѓународна научна конференција, со чествување на јубиларите, великани на македонската култура: Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски. Слоганот на 51. Меѓународна научна конференција е во знакот на 75 години јубилеј од основањето на УКИМ. Годинава, на конференцијата ќа настапат 81 учесник, а на целокупната манифестација во Охрид, околу 150 македонисти ќе ја развивааат мисијата на македонистиката и Меѓународниот семинар. По конференцијата, ќе се објават и два зборника: Предавања од 57. Летна школа и Зборник од 51. Меѓународна научна конференција.

Досега, на Летните школи учествувале над 4000 семинаристи македонисти од над 60 земји, а интересот за Летната школа и конференцијата е сè поголем.

„Македонистичкиот гордорек е градиозна мисија, со далекусежна визија, но и наш свет завет – македонистиката како наука да ја возвишиме на повисоко преку светска афирмација и третман на македонистиката како врвен национален интерес. Имаме прекрасна древна традиција, развиена наука и раскошна уметност, кои се прекрасно лице на нашата култура. Македонската култура е прекрасен изворник на врвни и драгоцени цивилизациските продобивки како што се: писменоста, просветата, науката, културата и уметноста“, посочува директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска. (Н.И.Т.)