Бојмацлиев со началничката од кадрово поништиле вработување на полицајка

МВР СО КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ШЕФОТ НА КАБИНЕТ НА ПОРАНЕШНИОТ МИНИСТЕР СПАСОВСКИ

62

Поднесена кривична пријава за Митко Бојмацлиев, кој беше шеф на кабинет на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во моментов е виш полициски советник за контрола, надзор и превенција на полицијата, стандарди и управување со квалитет во Бирото за јавна безбедност (БЈБ).

Министерството за внатрешни работи денес соопшти дека против Бојмацлиев и против М.С. началничката на секторот за управување со човечки ресурси се поднесени кривични пријави, бидејќи запреле вработување на полицајка од Прилеп. Според МВР полицајката ги минала успешно сите фази од постапката за вработување, со што ѝ го повредиле правото од работен однос. Пријавата е поднесена од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Од МВР објаснуваат дека првопријавениот Бојмоцлиев делото за кое се гони го направил додека бил на работно место шеф на кабинет на министерот Спасовски, и дека заедно со началничката на Секторот за управување со човечки ресурси не придржувајќи се на законските одредби од Законот за внатрешни работи го повредиле, одзеле или ограничиле право што на работник.

-Имено, М.Б., свесно и со намера да не се склучи договор за работа помеѓу Министерството за внатрешни работи и С.Т. од Прилеп, на 27 октомври лани издал наредба на второпријавената М.С. да го повлече веќе изработениот, потпишан од Министерот за внатрешни работи и заведен во писарницата на МВР, договор за работа на С.Т., а второпријавената М.С. постапила по издадена наредба од првопријавениот и го повлекла веќе изработениот и потпишан договор за работа, соопшти МВР.

Според МВР на тој начин на С.Т. ѝ го одзеле и ограничиле правото да заснова работен однос во МВР како дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност Скопје.

-Таа била вклучена во постапката за вработување како еден од најдобрите студенти од факултетот по препорака на Деканот на факултетот за безбедност, а која воедно успешно ги поминала сите фази од постапката за вработување и ги исполнила сите потребни услови за засновање на работен однос, соопшти МВР.

Освен кривична пријава одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против нив ќе поднесе и предлог за дисциплинска постапка и ќе изрече мерки за отстранување од работното место до завршување на постапката.