КОЛУМНА, МАРИЈА ДАВКОВА: 2024.

159

Живееме во година 2024.

Биле и поминале многу времиња, идеологии и системи.

На дневен ред е еден систем чии протагонисти не разбираат дека е олицетворение на човековата ароганција и гол антропоцентизам.

Не се се врти околу човекот.

Ниту океаните и морињата се вртат околу него, а уште помалку самата Земја или Сонцето. Ние сме само една творба на огромното создание и од него сме дел. И тоа било и засекогаш ќе биде единствениот здрав став за човекот и неговото место во Сончевиот систем и пошироко.

Збор или два за трансхуманизамот…

Трансхуманизамот е една „чудесна“ визија која е резултат на алчноста која зацарувала со човековите срца и умови. Да се владееме над се наместо да се кохабитира со се. Замислете, да се подобреле човечките ментални и физички способности по вештачки пат т.е. да се меша природното со вештачкото. Со други зборови, да се мешаат баби и жаби, да се изграат опасни игри наместо веќе постоечките природни и сосем безбедни за човештвото. Што ќе ми се зголемени способности ако истите не се резултат на мојот личен труд и заложба?

Дел сме од нешто поголемо и покомплексно и тоа е така фино. Токму внатре во поголемото и покомплексното треба да китиме, да додаваме и обогатуваме, а не да приграбуваме и царуваме. Токму тоа и значи понизноста попозната во нашата вера Христова, која учи да се биде „помалку“ од највозвишеното кое е Бог. Барем така вели разумот во партнерство со моето срце.

Се работи за замислена ера во која роботи ќе управуваат со нашите животи. Наводно, нема да сме старееле, нема да сме се разболувале, ќе биле подобрени нашите ментални и физички способности. И се тоа на прв поглед може да звучи прифатливо. Се додека не продреме подлабоко во проблематиката за да сфатиме, човек ли ќе унапредува човек? Не ли тоа значи максимална пристрасност? Нели тоа е унапредување на самиот себе? Зарем не треба нешто поголемо од нас да не унапреди и тоа природно ми доаѓа да се работи за усовршување без наше знаење? Или во најмала рака со наше послушно посредство? За сметка на истото, ние ќе бидеме преатрофирани за да се бориме за она кое ни значи, а нашите умови ќе станат целосно некритични, досадни и зависни. Бидејќи да ти е достапно се на светот, а да не треба истото да го заслужиш преку труд е жива досада. Тоа е како да и кажете на пчелата да постои нејзиниот мед, без таа претходно да оди од цвет на цвет. Или на мравките да постојат нивните чудесни подземни царства без напорниот труд кои го вложуваат. Во трудот е смислата на постоењето, верувајте, како во нивниот така и во нашиот живот. И така ќе биде за век и векови, се додека нешто не се промени во универзумот, по случајна волја.

Не велам не за роботика, не сфаќајте ме погрешно, велам само роботика засебна од човекот. Велам роботи на досадни и механички работни позиции за кои не треба многу ум. Велам роботи за забава. Но, да не го мешаме човештвото и неговата биологија со механика. Да оставиме тие да се развиваат во една самостојна природна насока, а технологијата по својата артифициелна без да се испреплетуваат. Што се однесува до трансхуманизамот, не ни е потребен вечен живот, ниту програми против стареење. Доволен ни е живот без многу страдање, со доволно за да се преживее, но со многу музика, танц, духовност, а и духовитост.

Наместо трансхуманизам да зборуваме за космички хуманизам и за преплавување на оваа убава Планета со уште поубави вредности. Зошто од убавото никнува убаво, и обратно. Наместо човек 2.0 и некои си нови вештачки одлики за членовите на човековиот вид, развеселни луѓе кои го живеат животот во радост и смеа бидејќи имаат колку им е доволно, па им останало времето да го минат веселејќи се.

Зарем не е далеку понормално да се навратиме на материјалната скромност наместо да сонуваме за научна фантастика, кога сите природни индикатори јавуваат дека треба да ги засукаме ракавите и да се фатиме со копање ниви и садење храна?

Сакам да видам ера во која повторно се враќаме во прегратката на Мајката Земја, признавам. Ми се допаѓа старото. Ми се допаѓа бидејќи е evergreen. Човекот уште од дамнешни времиња се населувал крај вода за да може да се прехрани. Така настанувале големите цивилизации, заради плодна земја на која биле оснивани.

И повторно ќе признаам. Не ми се допаѓаат несвесно никнати животни патеки, од уште понесвесни постапки. Подобро агроекологисти отколку некој си трансхуманисти. Подобро да се грижиме за земјата и природата отколку за мртва природа. Зошто разликата е голема.

Неодамна сретнав нешто што ја приграби мојата љубопитност. Се работеше за агроЕКОлогија. Оваа гранка на науките би била чиста споротивност од претходно – споментата. Навлезена е и во Европските регулативи и чека што поголем број нејзини застапници. Се работи за целовит (холистички) пристап кои подразбира паралелна примена на еколошки и социолошки концепти и принципи се со цел дизајнирање и менаџирање на одржливи системи за производство на храна. Се стреми да ја оптимизира интеракцијата помеѓу растенијата, животните, човекот и природата. Суштината и само значење на врската помеѓу човекот и природата се е не само дел, туку централна тема на Агендата на ЕУ за 2030 за одржлив развој.

Што се однесува до трансхуманизамот, тоа е термин измислен од Џулиан Хаксли и е именуван по истоимениот негов есеј. Тој е брат на писателот Алдус Хаксли кои ја има напишано познатата книга „Прекрасен нов свет“. Голема е веројатноста да се работи за чиста фантазија на поединци кои успеале да замислат нови светови, а исто така веројатно е и дека го сторил тоа заради чиста егзистенција. Затоа, да не се залетуваме кон нешто прочитано. Далеку побезбедно е да се вратиме каде провереното. Да не летаме со желбите по небо. Зошто птици не ќе сме.

Програмирање и роботика се изведени занимања, дериватни. Примарни се земјоделието, сточарство, билкарство, градежништво. Тоа се токму оние дејности кои опстојуваат откако сме свесни за нашето постоење. Таму лежи основата на нашите животи, кај храната, каде почвата, но ние како одамна да сме изумиле. Се однесуваме како тоа да се адвокатските услуги, политиката и трговијата на берза. За да дадеш било каква услуга треба да си најаден, сит. За да говориш треба да си напиен, а не жеден. За да тргуваш исто така. Затоа да не забораваиме да ги прецениме оние кои создаваат за ние да можеме да се „забавуваме“. Зошто без низ, воопшто не би била во можност да ви ја пренесам оваа порака, ниту вие да ја прочитате.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)