Пајак-возилото на ЈП „Куманово – паркинг“, од почетокот на јуни досега, подигнало 790 возила што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот на подрачјето на Општината.
– Со враќањето на македонските државјани во родното Куманово, искористеноста на едно паркинг-место е 65 проценти, најмногу во централното градско подрачје, поточно на улиците „Илинденска“, „Борис Кидрич“ и паркинг- просторот на улицата „Гоце Делчев“. Ова е добар процент на искористеност на паркинг-местата, со оглед на тоа дека претпријатието стопанисува со мал број паркинг-места и голем дел од граѓаните ги паркираат своите возила непрописно и на места на кои не е дозволено паркирање – изјави директорот на претпријатието, Андреја Маџовски.
Кумановци реагираат за сообраќајниот метеж, кој е евидентен од почетокот на јуни досега и бараат засилено присуство и на Пајак-службата и на припадниците на сообраќајната полиција во градот, поради несоодветното однесување на дел од возачите во градот.
СВР Куманово континуирано врши зајакнати акциски контроли за санкционирање на возилата и на возачите што не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Покрај дневните контроли за санкционирање возачи што управуваат возила со брзина поголема од дозволената, што управуваат со возило под дејство на алкохол или оние што непрописно престигнуваат, се врши и снимање со т.н. ноќен радар за санкционирање возачи што управуваат возила со брзина поголема од пропишаната.
– Меѓу другото, полициските службеници се распоредени на терен и, согласно со своите законски надлежности, преземаат соодветни мерки доколку се случи сообраќаен метеж. Сообраќајните контроли се за да ја подигнеме свеста кај граѓаните и за да се зголеми безбедноста во сообраќајот. Секој од нас треба да се однесува одговорно во делот на сообраќајот, и возачите и пешаците, бидејќи сите сме учесници во сообраќајот – велат од СВР Куманово.