„Првото ‘Поетско Маркукуле’, по иницијатива на Идејниот творец на овој настан, Љубен Димкароски Димкар и уште неколкумина вљубеници во пишаниот збор, се одржало на 11 Август 2007 година. И еве, денес, по седумнаесетти пат, се собравме тука да ја славиме поезијата и убавиот пишан збор, а градот Прилеп повторно да стане културен центар, кој ќе ги сплоти поетите од Македонија со поетите од останатите земји“, истакна Андриана Ристеска, претседател на Клубот на литературни творци – Прилеп

На летната сцена на ЦК „Марко Цепенков“ во организација на Клубот на литературни творци – Прилеп, се одржи 17. традиционална меѓународна поетска манифестација „Поетско Маркукуле 2024“. И годинава манифестацијата предизвика огромен интерес кај поетите од Македонија и од странство, а Прилеп повторно беше центарот на поезијата и убавиот пишан збор, а присутните имаа можност да уживаат во поетските восклици на присутните поети. На настанот учествуваа поети, гости од Србија, Бугарија, од Дијаспората и автори од речиси сите делови на Македонија.

„Првото ‘Поетско Маркукуле’, по иницијатива на Идејниот творец на овој настан, Љубен Димкароски Димкар и уште неколкумина вљубеници во пишаниот збор, се одржало на 11 Август 2007 година. И еве, денес, по 17. пат, се собравме тука да ја славиме поезијата и убавиот пишан збор, а градот Прилеп повторно да стане културен центар кој ќе ги сплоти поетите од Македонија со поетите од останатите земји“, истакна Андриана Ристеска, претседател на Клубот на литературни творци – Прилеп, поздравувајќи ги љубителите на поезијата на отворањето на манифестацијата.

Воедно во рамките на настанот беше промовиран и зборникот „Поетско Маркукуле 2024“, во кој со поезија се застапени околу 220 поети од десетина различни земји.

„Во зборникот „Поетско Маркукуле 2024“, трајно се запишани поетските изблици на над 200 поети од десетина различни земји. Оваа импозантна бројка на учесници е вистински доказ дека ‘Поетско Маркукуле’ израсна во препознатлив поетски бренд“, додаде Ристеска.

Во неговата подготовка покрај Ристеска беше вклучена и младата членка на Клубот на литературни творци – Прилеп, Тамара Насевска, Блага Тутеска го напиша предговорот на зборникот, а Жанета Видеска беше лектор на песните.

Ристеска се заблагодари и на сите останати членови на Клубот на литературни творци Прилеп кои на кој било начин се вклучени во реализацијата на овој проект кој стана традиција во овој град, привлекувајќи голем број љубители на убавиот збор не само од градот и Македонија, туку и пошироко.

Настанот е поддржан од Министерството за култура и Општина Прилеп, а беше проследен од градоначалникот Борче Јовчески, претседателката на Советот, Ирена Стерјовска и директорката на НУЦК „Марко Цепенков“, Марија Попова-Јованоска. (Д.Т.)