Додека Европа е очајна за литиум, кој се користи за изработка на батерии за електрични возила, што е значаен дел од зелената транзиција, зелените ја кренаа Србија на нозе за да го оневозможат ископот на овој метал во нивната земја.
По протести низ целата држава во текот на минатата недела, незадоволството на граѓаните во неделата кулминираше со голем собир проследен со насилство и апсења, во главниот град Белград. Откако минатиот месец Србија го одмрзна долги години замрзнатиот проект „Рио Тинто“, за ископ на литиум во долината Јадар, а претседателот на државата Александар Вучиќ за тоа потпиша меморандум за разбирање со Европската Унија, духовите кај нашиот северен сосед не мируваат, додека Европа е во исчекување да дојде до бесценетиот литиум.
Но, зошто литиумот е толку важен и потребен и зошто се турка проектот за отворање на рудник токму во Србија? Англо-австралискиот рударски конгломерат „Рио Тинто“ за првпат откри наоѓалишта на нова руда што ја нарече Јадарит пред 20 години, а сега, како што пишува „Еуроњуз“, проценува дека таму би можела годишно да произведува околу 58.000 тони литиум карбонат, што е еквивалентно на околу 11.000 тони чист литиум метал.
-Достапните проценки сугерираат дека за типична батерија на електричен автомобил од 60 киловат-часови потребни се околу 50 килограми, кои содржат 9,4 килограми чист литиум, така што тоа е доволно за над милион такви возила, наведува „Еуроњуз“.
Пазарот на електрични возила расте и учествува со 14,6 проценти во годишната продажба на 10,5 милиони продадени возила. Со тоа ќе порасне и цената на литиум карбонатот, која сега е стабилизирана на 13 долари за килограм, откако во 2022 година се зголеми петпати. Аналитичарите на БМИ, дел од Групацијата Фич, прогнозираат дека оваа година цената би се зголемила на 15 долари, а потоа би отишла на 20 долари во 2025 година, при што зголеменото производство во голема мера би ја задоволило побарувачката.
Но, цената и профитот од експлоатацијата на литиум не се единствената причина поради која Европа очајно сака, а Србите не даваат плодниот Јадар да се претвори во рудник. Според анализата на „Еуроњуз“ во Јадар би била најголемата европска операција за ископ на литиум, додека Кина, која е трет по големина производител во светот, исто така бара да се зацврсти во регионот. Како што се додава, Европа сака да избегне зависност од големите надворешни добавувачи во ера на зголемени геополитички тензии.
-Убедливо најголемиот снабдувач на глобално ниво е Австралија, со своите 88.000 тони литиум, речиси двојно повеќе од второпласираниот Чиле, каде што минатата година ЕУ склучи стратешко партнерство со минералниот гигант Антиподеан, непосредно пред тоа со Србија, пишува Еуроњуз.
Од друга страна Кина лани произведе околу 33.000 тони литиум. Tianqi, кинеска компанија, која е една од четирите најдобри глобални оператори со рудници за литиум, е многу заинтересирана да инвестира во производство во Австралија. Во интервју за South China Morning Post минатиот месец, извршниот директор Френк Ха Чун Шинг рече дека фирмата е во преговори за проширување на производството на батерии со потенцијални европски партнери, вклучувајќи и една неименувана земја од ЕУ. По огромните царини за кинеските возила што ги наметна САД Кинезите планираат производството да го лоцираат во други земји. Кинеска фабрика за електрични автомобили веќе инвестира милијарда евра во фабрика во Унгарија и најави отворање сличен објект во Турција. Царините, пишува „Еуроњуз“ се јасен поттик за кинеските фирми да го лоцираат производството поблиску до европскиот пазар.
Еуроњуз наведува дека плановите за огромно зголемување на производството во Португалија, каде што лани се произведени 380 тони, се ставени на чекање поради протестите на јавноста и обвинувања за корупција. Американското геолошко истражување проценува дека во Србија има резерви од 1,2 милиони тони наспроти 270.000 во Португалија. Германија има 3,8 милиони тони, според американската владина агенција, а Чешка 1,3 милиони.