Ветерот го разгорува пожарот кај Атина, пламенот достигна 25 метри, испратени пораки за евакуација

413
Фото: X

Повеќе од 400 пожарникари, 110 противпожарни возила и голем број доброволци се бореа со пожарот кој избувна околу 15 часот на 35 километри од Атина, а пламенот достигна висина од над 25 метри.

Петнаесет противпожарни авиони и девет хеликоптери беа во функција до доцна попладне, но престанаа да летаат по зајдисонце, пренесува АП.

Пламените јазици брзо напредуваа кон езерото Маратон, важен резервоар што ја снабдува Атина со вода, изјави полковникот Василис Ватракојани, портпарол на противпожарната служба.

Се уште не е познат бројот на оштетените куќи. Ватракојанис рече дека ветровите достигнале ураганска сила во областа на пожарот, а пламените јазици биле високи повеќе од 25 метри. Небото над Атина се затемни со густ чад.

Итни СМС пораки беа испратени до жителите на селата во близина на пожарната област со предупредување да се евакуираат.

Подоцна попладне беа испратени пораки до жителите на некои северни предградија на Атина да го сторат истото. Полицијата извести дека се евакуирани повеќе од 200 луѓе, главно постари лица и оние кои не ги послушале предупредувањата.

Вториот пожар западно од Атина е ставен под контрола, изјави портпаролот.

Топлото и суво време, засилено со силни ветрови, го зголемува ризикот од шумски пожари. Јуни и јули беа најтоплите месеци досега забележани во Грција, која исто така ја имаше најтоплата зима досега.

Метеоролозите и владините претставници предупредија на зголемен ризик од пожар поради метеоролошките услови од недела до четврток, а половина земја ќе биде под „црвено“ предупредување, изјави министерот за климатски промени и цивилна заштита Василис Кикилијас.