Кошаркарите на Србија и на САД одиграа спектакуларен натпревар на Олимписките игри во Париз, а на пласман во финалето се радуваа Американците, кои славеа со 95:91.
Нашиот северен сосед беше во водство сè до 38. минута од натпреварот, но потклекна кога беше најпотребно, а тоа го искористија фаворитите –САД.
По натпреварот, селекторот на САД, Стив Кер, ги сумираше своите впечатоци.
– Да, им кажав на нашите тренери дека ќе биде ова најтешкиот натпревар на турнирот, и се случи тоа. Србија е одлична репрезентација, таа е многу добро организирана и не е лесно да се победи по трет пат. Ги победивме двапати и ниту еден натпревар не беше толку неизвесен. Мразам таква ситуација. Имавме чувство дека ќе биде ова многу тежок натпревар и мислам дека Србија одигра совршен натпревар. Погодија многу шутови, Аврамовиќ постигна четири тројки во првото полувреме, не беше очекувано тоа. Но, ова е моментот, ова се Олимписки игри и нивните играчи беа брилијантни – истакна Кер.
Тој додаде:
– Излегоа под притисок, тие се одличен и класичен тим. Играат многу ангажирано, играат одлично заедно и искрено сум горд, навистина горд што бев дел од тој натпревар. Тоа беше еден од најдобрите кошаркарски натпревари во мојот живот и секогаш ми е жал за тимот што губи во вакви случаи. Очигледно сум многу среќен што победивме, но видов некои српски играчи како плачат на теренот по натпреварот и навистина ми беше жал за нив, бидејќи направија сè како што треба и играа убава кошарка. Како што реков, многу сум благодарен што бев дел од тоа.
Стив Кер зборуваше и за Никола Јокиќ.
– Никола Јокиќ е најдобриот кошаркар во светот и српските тимови секогаш знаат да играат. Тие се паметни, тие се тешки. Мислам дека нивниот шутерски тим годинава не беше најдобар во однос на последните години. Мораа да погодат тројки вечерва, и сите ги погодија. Мислам дека постигнаа 15 во текот на мечот, ако не се лажам. Се чинеше дека го погодија секој важен поен, но имавме доволно време да се вратиме и да победиме. Беше многу тешко, беа неверојатни – заврши Кер.
Во финалето, САД ќе ги одмерат силите со домаќинот, Франција, додека на мечот за бронзата Србија ќе игра против светскиот шампион, Германија.