Лоши вести за заробените астронаути: Отидоа во вселената на 8 дена, може да останат до 2025 година

316
Фото: screenshot

Двајца американски астронаути што одлетаа на осумдневната мисија во јуни би можеле да останат на Меѓународната вселенска станица до следната година доколку нивното летало „Боинг Старлајнер“ не може да се поправи за да се вратат дома, соопшти НАСА.

Астронаутите Буч Вилмор и Сунита Вилијамс, кои беа првичниот екипаж на капсулата „Старлајнер“, би можеле да се вратат со леталото „Кру Драгон“ на компанијата „Спејс Икс“ во февруари 2025 година, доколку „Старлајнер“ сè уште се смета за небезбеден, изјавија претставници на американската агенција во средата.

Се разгледувале потенцијалните планови со „Спејс Икс“ да се остават празни две седишта на претстојното лансирање на „Кру Драгон“, кое во вторникот беше одложено за еден месец, додека НАСА и „Боинг“ работат на тоа како да ги вратат астронаутите дома.

Пробната мисија на астронаутите на 5 јуни, која првично се очекуваше да трае околу осум дена на станицата, беше продолжена поради проблеми со погонскиот систем на „Старлајнер“ што сè повеќе ја доведуваше во прашање способноста на леталото безбедно да ги врати на Земјата.

Портпаролот на „Боинг“ рече дека ако НАСА одлучи да ја промени мисијата на „Старлајнер“, компанијата „ќе преземе акции неопходни за да го конфигурира ‘Старлајнер’ за враќање без екипаж“.

Користењето на вселенското летало на „Спејс Икс“ за враќањето на астронаутите, кое „Боинг“ планираше да го врати на „Старлајнер“, би било голем удар за гигантот на авио-индустријата, кој со години се обидува да му парира на „Кру Драгон“, пишува „Гардијан“.

„Старлајнер“ беше прикачен на Меѓународната вселенска станица (ИСС) 63 од максималните 90 дена колку што може да остане, а е паркиран на истиот „док“ којшто „Кру Драгон“ ќе мора да го користи за транспорт на следниот екипаж астронаути.