Големо изненадување видовме во финалето на фрлање диск каде што Рохе Стона од Јамајка успеа да го победи фаворизираниот Миколас Алекна (Литванија) и да го освои златото, а дополнително го собори и олимпискиот рекорд што таткото на Миколас Алекна, Мартинас, го постави пред 20 години во Атина.
Алекна постави висок стандард на стартот, бидејќи го фрли дискот на растојание од 68,55 и се чинеше дека ова ќе биде рутинско финале за него.
Во втората серија Литванецот успеа да го фрли дискот 69,97 метри и со тоа да го собори рекордот на неговиот татко Мартинас од Олимпијадата во Атина во 2004 година, но немаше поим дека тоа нема да му биде доволно за златото.
Јамајчанецот Рохе Стона ги изненади сите во четвртата серија кога го фрли дискот точно 70 метри и со тоа постави нов олимписки рекорд.
Во последните две серии гледавме вистинска борба на овие двајца за златото. Во петтата серија Алекна отиде само на 68,49 додека Стона потфрли.
И самиот Литванец беше шокиран што Јамајчанецот имаше такво исфрлување бидејќи воопшто не важеше за еден од фаворитите за медал.
Во последната серија од финалето во фрлање диск, Алекна целосно потфрли, а Стона веќе почна да го слави златниот медал и успехот во кариерата кој никој не го очекуваше во Париз.
Сите го гледаа Алекна како нов победник и освојувач на златен медал, но светскиот рекордер не ги оправда очекувањата. Сепак, времето е уште пред него со оглед на тоа дека има само 21 година, а може да се задоволи и со сребрениот медал.
Стона е првиот Јамајчанец кој освоил злато во фрлање диск, но и првиот натпреварувач во историјата кој победил во олимпиското финале кој не е од Европа.
Бронзениот медал го освои Дени Метју од Австралија, кој во втората серија успеа да го фрли дискот 69,31 метри.
Олимпискиот победник од Токио, Даниел Стал, беше тотално разочарување во финалната серија и го освои само седмото место. Најдоброто исфрлување го имаше во втората серија кога дојде до 66,95 метри.