Два нови пожари кои денеска избувнале кај селата Ајватовци и Бунарџик во регионот Скопје предизвикале силна вознемиреност кај граѓаните, информира во видео-изјава, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Таму итно заминала екипа на скопската противпожарна бригада, која претходно успеала да го изгасне пожарот кој избил на стрелиштето „Камник“ под ресторанот за свадби, кој исто така предизвикал голема паника.
Во текот на денешниот ден до 15:30 часот на територијата на државата има 23 огнени стихии на отворено, но, како што вели Ангелов, за жал овој број нема да биде конечен бидејќи попладнево сигурно ќе се се појават нови пожари.
Според директорот на ЦУК пожари денеска избувнал кај кичевското село Зајас, каде гори мешана и делумно борова шума и кај селото Косоврасти во близина на Дебар. Во нивно гаснење учествуваат локални пожарникари и припадници на Јавното претпријатие „Национални шуми“.
Од активните огнени стихии, како што информираше директорот на ЦУК и понатаму најголема маки на протипожарните екипи им создава пожарот на територијата на општина Македонски Брод кај езерото Козјак, кој Ангелов го оцени како „монструм“ од пожар со кој со денови се води битка.