Забележана рекордно висока температура на Антарктикот

146

Руски научници забележаа нов температурен рекорд на станицата Восток во централниот дел на Антарктикот, откако температурата во вторникот се искачи на -34,2 степени, соопшти денеска прес-службата на Институтот за истражување на Арктикот и Антарктикот.

Во извештајот се истакнува дека ова е максималната температурна вредност за зимскиот период во историјата на набљудувањето, пренесува РИА Новости.

„Научниците од Институтот за истражување на Арктикот и Антарктикот ја забележаа максималната зимска температура во целата историја на редовни набљудувања на најстудената точка на Земјата, на станицата Восток во централниот дел на Антарктикот. На 6 август 2024 година, термометарот покажа минус 34,2 степени Целзиусови“, се наведува во извештајот.

Денеска температурата на станицата Восток се спушти на минус 48,8 степени, се додава во соопштението.

Јули и август во централниот дел на Антарктикот се најстудените месеци во годината, просечната долгорочна температура во Восток во јули е минус 66,6 степени, а во август 67,6 степени под нулата.