Во Србија изваден првиот од стотината нацистички бродови потопени во Дунав

252

Првиот брод од потопената германска речна флота од Втората светска војна е извлечен од дното на Дунав кај Прахово, објави српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, и најави дека овие операции ќе продолжат и во наредните месеци.

Тој рече дека германските сили ги потопиле своите дунавски и црноморски речни флоти во 1944 година со цел да го отежнат настапувањето на советската Црвена армија низ Дунав. Најави дека од Дунав ќе бидат извадени вкупно околу стотина нацистички бродови.

-Секој брод што е изваден се подложува на детална проверка со демонтирање на експлозивните направи што останале во нив. Фотографиите од првиот брод покажуваат колку експлозивни направи останале на бродовите. Сево ова било во Дунав осум децении, изјави Весиќ на Инстаграм.

Додаде дека Црвената армија отстранила дел од бродовите со цел да го ослободи водениот пат на крајот на 1944 година, а потоа во пролетта 1945 година.

-Оттогаш, речиси осум децении ништо не е направено во однос на отстранувањето на германската нацистичка речна флота, истакна Весиќ.

Кога ќе заврши процесот, јавноста ќе може да види дел од потонатата флота, која веќе 80 години ја отежнува пловидбата во тој дел од Дунав.