Како до работа во Германија? Барања за аплицирање, потребни документи и популарни работни места

2886

Германија воведе програма, која е многу слична на американската „Work and Travel“, за странски студенти кои сакаат да го поминат летото кај нив извршувајќи сезонски работи – од земјоделство и туризам до гастрономија и малопродажба.

Познато е дека Германија постојано бара странски висококвалификувани стручњаци од различни области, но сега се најде во ситуација да им недостигаат и сезонски работници. Поради тоа, таа започна програма за странски студенти кои сакаат да го поминат летото работејќи за да заработат дополнителни пари – сума која веројатно би била поголема отколку што би заработиле работејќи ја истата работа во нивните матични земји.

Иако оваа програма е првенствено наменета за студентите од Европската Унија, таа го вклучува и целиот регион на Западен Балкан – поради регулативите усвоени од германската влада во 2015 година.

Исто така, од 1 јуни годинава, германската влада ја удвои квотата за работни визи за граѓаните од Западен Балкан на 50.000.

Ви пренесуваме резиме за барањата за аплицирање, потребната документација, како и кои работни места се популарни, односно достапни во текот на летната сезона.

Доколку сте заинтересирани да аплицирате за оваа, следната или која било летна сезона, мора да имате „договор за вработување или понуда за работа во Германија“. Тогаш Федералната агенција за вработување мора да ја одобри вашата работа за да се осигура дека нема квалификувани кандидати од Германија или од ЕУ на располагање за истата позиција. Исто така, не смеете да примате никакви бенефиции како барател на азил – според Законот за бенефиции на барателите на азил, во изминатите 24 месеци.

Доколку ги исполните сите овие потребни работи, следува процесот на аплицирање кој се одвива во германската амбасада. Таму ќе добиете одговори на сите ваши прашања и како да закажете состанок. Од документацијата треба да приложите договор за вработување или обврзувачки договор – на кандидатите над 45 години им е потребен договор за вработување кој гарантира годишна плата од 49.830 евра бруто. Потребно е да понесете и валиден пасош, лична фотографија (големина како за пасош), доказ за доволно финансиски средства, здравствено осигурување и каква било конкретна документација што амбасадата може да ја побара, пишува српски НИН.

Ако повеќе сте заинтересирани да ја запознаете германската култура отколку да заработите пари, ви се нуди и програма „au pairs“ – или работа како дадилка во германско семејство. Во оваа програма се очекува да бидете гости на германско семејство и да се грижите за нивните деца, како и да работите некои мали домашни работи. Семејството е должно да ви обезбеди соба, храна и мал месечен надомест за работата што ја работите, која може да изнесува до 30 часа работа неделно.

За да работите како дадилка, мора да имате 18 години кога ќе ја започнете работата и под 27 години кога аплицирате за дозвола за престој. Потребно ви е и основно познавање на германски јазик (најмалку А1), дека не сте поврзани со семејството во кое престојувате и дека сте способни да работите како дадилка најмалку 6 месеци – а најмногу една година. Семејството домаќин го наоѓате сами, а тоа можете да го направите преку платформите AuPair, AuPairCare, AuPairWorld или други доверливи агенции.

Постапката е слична како и за другите работни места, треба да закажете термин во амбасада, а потребни се следните документи: пополнет формулар за апликација, пасош плус копија од него, CEFR A1 ниво на германски јазик, доказ за здравствено осигурување (што е еквивалентно на германско), на пример договор „au pair“, CV плус мотивационо писмо, надомест за виза кој изнесува 75 евра.

Во однос на работните места, ќе имате голем избор. Од сезонските во земјоделството, типични се бербата на овошје и зеленчук, како и земјоделските работи – идеалното време за такви работни места во Германија е меѓу март и октомври. Во угостителството, работата во хотели, ресторани и кафулиња е секогаш достапна: од позиција на келнер и готвач до рецепционер. Во текот на летото се одржуваат и музички и филмски фестивали. Во оптек има малку повеќе физички работи (екипа за поставување и отстранување на сцената), работа како фотограф, продавач на сувенири и келнер. Работни места има и во големи синџири како Мекдоналдс, Лидл и други – касиерски позиции, работа во кујна и магацин.

Оваа програма е наменета за студенти од земји со ниски приходи, па затоа саатниците се од 12 до 20 евра.