Под клуч се фрижидерот и комората каде што се чуваат реагенсите за детекција на голем број болести во Македонија, меѓу кои и оние за детектирање на вирусот на голема кашлица. Како што објасни в.д. директорката  на ИЈЗ, Марија Андоновска. во иднина земањето материјали за докажување голема кашлица, правење антибиограм или уринокултура ќе биде целосно евидентирано, бидејќи досега не било така. Случајот е пријавен и во Основното јавно обвинителство, а досегашната истрага сè уште не даде одговори дали, кој, како и зошто ги исклучил фрижидерот и комората

 

Институтот за јавно здравје ги стави под клуч коморите и фрижидерите каде што се чуваат реагенсите за детекција на голем број болести во Македонија, меѓу кои и оние за детектирање на вирусот на голема кашлица. Ова е одлука на новата в.д. директорка на ИЈЗ, Марија Андоновска, по сомнежот за диверзија, откако овие апарати во четвртокот, на први август годинава. беа исклучени од струја. Поради опасноста од слични ситуации, раководството на ИЈЗ ги смести овие комори во просторија каде што не може секој да влегува. Досега овие фрижидери биле сместени на катот каде што е Одделот на микробиологија, поточно на бактериологија.

Истовремено, како што објасни Андоновска, во иднина земањето материјали за докажување голема кашлица, правење антибиограм или уринокултура ќе биде целосно евидентирано, бидејќи досега не било така.

– Ги ставивме под клуч, а сега одредени лица се посебно овластени со реверс за тие клучеви. И воедно ќе се врши постојана контрола т.е. постојана евиденција кој влегува во тие соби, кој зема и колку зема од тие реагенси, онака како што практично требало да биде и досега – вели Андоновска, која само пет дена е на раководната функција и потсети дека пред да ги направи промените, фрижидерот, кој беше исклучен од струја, се наоѓал во ходник каде што поминувале голем број лица и никој не бил задолжен за неговото чување.

Таа засега не може да тврди дали се земале реагенси без контрола и дали имало злоупотреби.

– Моја работа е сега да се воведе ред и отсега точно ќе се знае кој зема, колку зема и од она што го имаме ние како реагенси каде ќе заврши и за што – објасни директорката Андоновска.

Случајот е пријавен и во Основното јавно обвинителство, а досегашната истрага сè уште не даде одговори дали, кој, како и зошто ги исклучил фрижидерот и комората. Обвинителството најави дека со проблемот ќе се занимаваат вешти лица, кои ќе ги испитуваат причините за прекинот во напојувањето. Засега, од Јавното обвинителство информираа дека се прибира документација и се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за исклученото напојување со електрична енергија на коморите каде што се чуваат реагенсите за испитување заразни и незаразни болести. Олеснителна околност во целиот случај е што, по проверките, реагенсите се исправни и можат да се користат.

Андоновска, кога се случи немилиот настан, кажа дека струјата за напојување на овие комори е исклучена директно од бушони. Според неа, во тој ходник има две разводни табли, и низ него поминуваат сите што работат во овој дел.

– Оставаме да се испита тоа, дали е сето така, дали е случајно, дали е намерно – кажа Андоновска и дополнува, кај овие разводни табли има стотина осигурувачи, а биле спуштени само оние што се поврзани со фрижидерот.

Андоновска, исто така, кажа дека детално се проверени реагенсите дали се оштетени.

– Таму беа и реагенсите  за големата кашлица, а во моментов имаме епидемија на голема кашлица и замислете, ние ќе немавме ниту еден реагенс доколку не реагиравме соодветно. А, јас, пред некој ден, ја информирав јавноста дека затеков во оваа институција недостиг на вакви реагенси и тоа во тек на веќе прогласена епидемија. Надлежните што биле пред мене во оваа институција, ја оставиле со недоволен број реагенси – рече Андоновска.

Директорката се пожали дека во ИЈЗ затекла дека не се применуваат работните процедури.

– Јас, нормално, дадов насока тие работни процедури да бидат завршени, доставени, да почнеме да ги практикуваме, бидејќи досега не се практикувале – вели Андоновска. 

(В.Ма.)