Стапи во сила Законот за вештачка интелигенција на ЕУ 

99

Законот за вештачка интелигенција на ЕУ, кој е прва сеопфатна законска регулатива во светот за оваа технологија, официјално стапи во сила, со што се воспоставува хармонизиран европски внатрешен пазар за вештачка интелигенција, се охрабрува нејзиното прифаќање и се создаваат услови за поддршка на иновациите и инвестициите во оваа сфера.

Законот е дизајниран да гарантира дека вештачката интелигенција развиена и користена во ЕУ е безбедна и доверлива и дека се преземени мерки за заштита на основните права на луѓето.

Според извршната потпретседателка на Европската комисија за Европа прилагодена на дигиталната ера Маргрете Вестагер, Законот е показател дека европскиот пристап кон технологијата ги става луѓето на прво место и гарантира почитување и заштита правата на сите.

– Со Законот за вештачка интелигенција, ЕУ презеде важен чекор за да се осигура дека при примената на технологијата за вештачка интелигенција се почитуваат нејзините правила, изјави Вестагер по повод стапувањето на законот во сила. 

Еврокомесарот за внатрешен пазар Тјери Бретон, пак, оцени дека стапувањето во сила на Законот претставува голема пресвртница во лидерството на Европа во обезбедувањето на доверлива вештачка интелигенција.

– Со стапувањето во сила на Законот за вештачка интелигенција, европската демократија прва во светот испорача ефикасна и адекватна рамка за вештачката интелигенција, справувајќи се со ризиците и служејќи како лансирно поле за европските стартапи со вештачка интелигенција, додаде Бретон. 

Со Законот се воспоставуваат стандарди за обезбедување минимален ризик при користењето на системите за вештачка интелигенција и за нивна целосна транспарентност.

Согласно одредбите од Законот, земјите членки на ЕУ имаат рок до 2 август 2025 година да формираат национални надлежни органи, кои ќе ја надгледуваат примената на правилата за системите за вештачка интелигенција и ќе вршат активности за надзор на пазарот.