Публиката во Охрид, вечерва (21 ч.), за 64-ти роденден на „Охридско лето“ ќе има можност да ужива во звуците на Латинска Америка што на сцената на Долни Сарај ќе ги донесат членовите на „Меркадонегро“ салса оркестарот, под раководство на кубанецот Армандо Миранда.
Тој на денешната прес-конференција истакна дека со нетрпение очекува да настапи пред охридската публика.
„За првпат сме тука, но ако се цени според убавото време и прекрасниот пејзаж, навистина веќе се чувствуваме како да сме дома. Со нетрпение го очекуваме вечерашниот концерт, подготвен специјално за вашата публика“, рече Миранда.
Членовите на орекстарот се од повеќе држави на Латинска Америка – од Куба, Колумбија, Венецуела, Перу…
Како што истакна уметникот Родриго Родригез, вечерва на публиката ќе и биде понудено музичко патување низ земјите на Јужна Америка, со презентација на музика и песна од државите и краиштата од каде доаѓаат.
„Многу сме среќни и возбудени што сме тука во ова прекрасно место. За вас подготвивме едно музичко патување, намера ни е да ја понесеме публиката и преку музиката да ги доловиме нашите корени и краеви од каде доаѓаме“, рече тој
Инаку, по повод роденденот на „Охридско лето, директорката Наташа Пововиќ изрази задоволство што Фестивалот во кој трага оставија бројни генереации уметници, со збогатувањето на културната понуда изминатите 64 години го издигнаа Охрид не само како духовна, туку и како културна престолнина.
Со денешниот роденденски концерт се слават, како што рече, годините испишани со богата историја, со славни имиња од светската музичка и театарска елита.
„Денеска им оддаваме почит на сите оние кои ги вложија своите напори и направија летните фестивалски вечери веќе 64 години да бидат вистинско уживање за љубителите на високата уметност“, рече директорката Поповиќ.
Инаку, оркестарот „Меркадонегро“, е состав што успева да создаде нов стил во жанрот на салса музика.
„Меркадонегро“ е дел од проектот „Њујорк салса ол старс“ заедно со Џовани Хидалго, Џими Бош, Хозе Алберто, Дејв Валентин и Френки Моралес. Учествуваат во снимањето на албумот на „Латитуди“ на Алфредо де ла Фе, а снимаат и сопствени албуми. Групата ја одликува „заразната“ енергија на сцената, а нивната музика е очигледно под влијание на нивниот идол Еди Палмиери. Тие се без двоумење една од најдобрите салса групи во Европа.
Почетокот на вечерашниот концерт е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.