Освен со гости, Охрид е преполн и со ѓубре, а огромни количини лименки, шишиња и хартија се расфрлани низ улиците и тревните површини.
Од „Охридски комуналец“ велат дека оперативните служби се постојано на терен, а воведена е и трета смена.
Оценувајќи ја состојбата како вонредна, додаваат дека дневно се собираат и по 900 кубни метри пресуван комунален отпад. Тоа, според нив, е огромна количина и апелираат жителите и туристите да бидат посовесни.
-Дежурните екипи се максимално ангажирани. Се работи во три смени, а целата расположлива механизација е на терен. Најкритично е наутро околу пекарите, рестораните, паркот, пристаништето, па сѐ до хотел „Палас“ каде секојдневно се соочуваме со проблеми. Буквално сме спречени во извршување на своите работи. Младите во видно алхохолизирана состојба во тој период се наоѓаат во централното градско подрачје, но имајќи предвид дека се работи за една искусна екипа во ЈП „Охридски комуналец“, успеваме работните задачи да ги извршиме навреме и до 7 часот градот веќе е исчистен. Доколку граѓаните го почитуваат комуналниот ред, не би имале проблем, но за жал, сликата во утринските часови е многу грда – изјави Стевчо Маслов, раководител на Секторот за јавна хигиена на „Охридски комуналец“.