EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Неповторливата американска гимнастичарка, Симон Бајлс, уште еднаш докажа дека е една од најдобрите во историјата. По Олимпијадата во Токио, таа се повлече поради проблеми со менталното здравје и не се натпреваруваше две години, а се врати пред една година. Веднаш по враќањето обезбеди и пласман на ОИ во Париз, а потоа по којзнае кој пат со неверојатен настап го освои светот!

Американската гимнастичарка стана олимписка шампионка по петти пат во кариерата. Со импресивен настап, 27-годишната Бајлс на својата репрезентација и донесе екипен златен медал и стана првата американска гимнастичарка која освоила пет олимписки злата.

Но, пред само една година никој не ни помислуваше дека повторно ќе ја види на големата сцена. Таа имаше сериозни проблеми со менталното здравје на ОИ во Токио. Светот беше шокиран кога неочекувано реши да се повлече од пет од шест финалиња. Се откажа од екипна конкуренција, повеќебој, прескок, вратило и партер. Подоцна, таа одлучи да настапи во финалето на греда, каде освои бронза.

Инаку, ова беше само еден од проблемите со кои се соочила славната гимнастичарка, Таа воедно беше една од гимнастичарите кои беа жртви на сексуално злоставување од страна на поранешниот доктор на американскиот гимнастички тим, Лери Насар. Монструмот беше осуден на 175 години затвор, а на неговото судење призна дека сексуално злоставувал спортистки во неговата клиника на Универзитетот во Мичиген, а исто така се изјасни за виновен за поседување детска порнографија.